Центарот за јавно здравје во Скопје, заедно со Институтот за јавно здравје прави план за скрининг на лица за коишто се смета дека се во критични категории како здравствени работници, вработени во градинки, вработени во домови за згрижување стари лица, припадници на полиција, возачи во ЈСП и таксисти, вработени во јавни служби (шалтерски работници), пациенти пред хоспитализација, соопштува Министерството за здравство.
Како што информира МЗ, со скринингот, кој ќе се прави со PCR-тестови, ќе се овозможи поквалитетна проценка за можноста за олабавување на рестриктивните мерки, но и значително ќе се зголеми бројот на тестови. Во текот на следните денови ќе биде готов новиот алгоритам и ќе се дефинира таргетираниот број на тестови што ќе се прави дневно. Кластерите по возраст и хронични болести би биле опфатени со испитувања во натамошниот период, за да се види изложеноста на населението од овој вирус. Матичните доктори ќе го добијат новиот алгоритам и преку МојТермин ќе закажуваат тестирање на одреден број лица според можностите на системот на дневна база.
– Брисевите ќе се земаат во постојните пунктови и ќе ги транспортираат Центрите за јавно здравје во претходно одредени лаборатории. Стратегијата на Министерството за здравство од почетокот на епидемијата беше да се тестираат пациенти со симптоми и согласно оваа стратегија работевме целиот овој период. Таа даде исклучително добри резултати без да ги оптовари капацитетите за тестирање и за хоспитализација, што беше наша примарна цел. Тоа што во изминатите денови имаме намален број на тестирања е доказ дека бројот на активни пациенти во нашата земја значително се намалува што уште еднаш ја потврдува успешноста на досегашните чекори, велат од МЗ, од каде категорично, уште еднаш ги отфрлаат обвинувањата на опозицијата за намален број тестови во политички цели.
Тестирањето ќе продолжи по новата методологија и согласно препораките на епидемиолозите, велат од Министерството.