По претходно подготвен план за сузбивање на недозволена трговија со наркотични дроги и откривање на препродавачи на наркотични дроги на подрачјето на Кичево, на 15.09.2017 година била спроведена координирана акција на Одделот за крим полиција, Секторот за недозволена трговија до дрога и опојни материи, СВР Охрид и Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево, соопштија од МВР.
Во рамки на акцијата, која била спроведена по претходно добиена писмена Наредба од Судија на претходна постапка при Основниот суд во Гостивар, биле извршени претреси во 14 објекти на подрачјето на Кичево и еден претрес во Казнено поправната установа во Струга.
При претресите во објектите во Кичево биле пронајдени и со Потврда за привремено одземени предмети, биле одземени повеќе пакувања со кокаин, поголема количина марихуана, повеќе пакувања со хероин, џоинти со марихуана, еден куршум од автоматско оружје. При претресот, исто така, биле пронајдени и еден панцир, една полициска легитимација, тромблонски додаток за автоматска пушка, повеќе боксирачи и еден нож. Кај лицето К.Х. (47) биле пронајдени и одземени парични средства во висина од околу 35.000 денари, додека кај лицето Л.Ф. (23) биле пронајдени и одземени околу 32.000 денари и 50 евра. При претресот во домот на К.Х., односно при обидот на полициски службеници да влезат во неговиот дом, тој нападнал еден полициски службеник при што му нанел тешки телесни повреди. По целосно документирање на случајот, против К.Х. ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“, казниво по член 383 став 3 од Кривичниот законик на Република Македонија. При претресот во Казнено поправната установа во Струга кај лицето А.А., кој издржува казна затвор за недозволена трговија со наркотични дроги, биле пронајдени и со Потврда за одземени предмети, биле одземени четири мобилни телефони. Инаку, ова лице од порано било познато како еден од главните снабдувачи и препродавачи на наркотични дроги на територијата на Кичево. А.А. имал посебен третман во затворот, имал дозвола секој ден да излегува наутро и да се враќа навечер. Според сознанијата, во периодот кога бил надвор вршел недозволена трговија со наркотични дроги.
По извршените претреси, од слобода биле лишени вкупно седум лица за кои постои основано сомнение дека се дел од групата која вршела нелегална трговија со наркотични дроги во Кичево. По завршување на вештачењето на докзаниот материјал, кој е подигнат при претресите, во соработка со надлежното Јавно обвинителство ќе бидат поднесени кривични пријави по член 215 од Кривичниот законик на Република Македонија(„неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супастанци и прекурсори“). Исто така, во соработка со надлежниот Јавен обвинител, против три лица ќе биде побаран притвор и поднесување кривична пријава по брза постапка, додека за останатите лица ќе биде побарано истрагата да се води по редовна постапка.