Комесарот за човекови права на Советот на Европа, чиј шестгодишен мандат завршува во април, во интервју за МИА ја дава својата оценка за состојбата со човековите права во Македонија, со посебен осврт кон етничките прашања.
Муижниекс притоа го поздрави мирниот трансфер на власта минатата година.
– Ова е неверојатно позитивна работа. Постоеше загриженост дека тоа можеби нема да може да се случи. На сите им олесни. И што немате масовни пресметки, што сите луѓе од поранешната власт не се пикнати по затвори, бидејќи еднаш кога ќе почне таков циклус, тешко се сопира.
Муижниекс, кој кон крајот на јануари ја посети Македонија, вели дека стекнал впечаток дека е намален притисокот врз медиумите и невладините организации, нарекувајќи ја состојбата “добра демократска основа.“
Тој, сепак, изрази загриженост за етничката сегрегација, особено во училиштата и недостаток на интеракција помеѓу заедниците.
– Она што ме фрапираше е што сегрегацијата на локално ниво, во училиштата е продлабочена, тоа ме загрижува. Важно е да има инклузивно образование. Треба да обезбедите можности да се научат другите јазици од рана возраст, а не од четврто одделение. Особено за немнозинските заедници, бидејќи ако не го научат јазикот на мнозинството, тие нема да бидат способни да комуницираат со многу луѓе во земјата. Се разбира во оние делови населени со немнозински заедници, мнозинството треба во најмала рака да има можност да ги научи овие јазици. А денеска таква можност немаат. Ви треба долгорочен систематски напор за учење јазици. Тоа значи нови учебници, нови материјали, нови обуки за наставници.
Муижниекс вели дека бил изненаден колку малку дискусии има за тоа како во училиштата треба да се предава конфликтот (од 2001 година.н.з..). Зошто децата одат во различни училишта? Зошто е толку контроверзно оваа партија да биде на власт, а не другата? Како ги учите децата за тоа?
-Ако не ги учите во училиште, ќе научат на друг начин, од домашните, од пријатели, мора да имате дискусија. Може да е тешко да се постигне целосен консензус. Но мора да имате дискусија во дух на взаемна почит за ова.
Запрашан за чувствителноста на законот за јазици, Муижниекс препорачува да се добие мислење од Венецијанската Комисија, но и да се побара помош од други држави со слични искуства.
-Како да ја најдете таа рамнотежа секој да се чувствува безбедно во својот идентитет, а да нема дополнителна сегрегација или поларизација во земјата? Второ, треба да се размислува на долг рок. На кој јазик ќе комуницираат луѓето за 10 години? Имам чувство дека многу луѓе не размислуваат за ова. Треба време за нови учебници, обучување наставници. Има многу меѓународни искуства, искористете ги! Треба да го најдете вашиот начин, но постојат искуства од кои можете да се инспирирате.