Јавниот радио-дифузен сервис МРТ, по реакцијата, го смени бомбастичниот наслов „Јоханес Хан: Предвремените избори ќе ги спроведува актуелната Влада“. За еден час насловот на истата вест на дописничката на МТВ од Вашингтон, Ирина Гелевска гласи „Хан од Вашингтон побара спроведување на договорот за политичка нормализација“.
Текстот е идентичен, насловот е сменет. Во изјавата, Хан воопшто немаше кажано дека следните избори ќе ги организира актуелната влада на Никола Груевски, како што беше во првичниот наслов.
Во врска со потпишаниот договорот Хан изјави дека Европа има морална обврска да ја обезбеди европската перспектива на Македонија, меѓу другото и во интерес на стабилноста на регионот, поради што ќе бидат разгледани две поглавја од пристапните преговори со ЕУ.
„Значи, овој договор беше потпишан од претставниците на четирите најголеми партии во земјата и сведоци беа амбасадорот на Европската унија и на САД, кои ни се приклучија при крајот и беше корисно што беа таму. Целосно сум свесен за ситуацијата во земјата и имаше дискусии меѓу опозицијата и Владата кога е најпогодното време за нови избори, бидејќи е неопходна подготовка. Постојат некои несовршености што треба да се завршат, да се модифицира изборниот законик, да се разгледа избирачкиот список и некои други елементи. Од друга страна морам да кажам дека последните избори, како и неколку претходно во земјата и во регионот беа набљудувани од ОБСЕ и имаше генерално позитивен извештај, во кој беа наведени некои неправилности, но генерално беше позитивен извештај за изборите што беа одржани во април минатата година“изјавил Хан, пренесе МИА,повикувајќи се на Македонската телевизија.
Македонската телевизија пренесе дека еврокомесарот, во своето обраќање во Вашингтон, побара СДСМ да се врати во Собранието, за да се испитаат обвинувањата од аферата „Пуч“ и илегално снимените разговори кои беа објавени во „бомбите“.
– Има голем скандал што никој не може да го игнорира. Има 22.000 снимки. Да не зборувам за содржината што е нешто друго. Ние сме на мислење дека треба да има двонасочна реакција на ова. Една е политичката и затоа бараме опозицијата да се врати во парламентот, и да се справи со ова прашање на вообичаен политички начин преку дебата во парламентот, да има истражни комисии и така натаму. Но, ова исто така е криминален случај и со него треба да се постапува врз основа на меѓународните и европските стандарди. Затоа понудивме, и ова исто така, беше прифатено од партнерите за меѓународни експерти коишто се справуваат со вакви прашања. И сите страни се согласија да ги прифатат и спроведат сите препораки дадени од Европската комисија, особено кога станува збор за владеењето на правото и независноста на судството. И за да се анализира, но и да се спроведе ова, потребно ни е време и затоа се согласивме за избори во пролет идната година, иако некои сакаа да има избори порано – изјави Хан.
Во своите забелешки пред Советот, комесарот Хан изјави дека политичката криза во Македонија делумно се должи на попречувањето на македонските евроатлански интеграции, поради што Европа сега има и морална обврска да ги исполни ветувањата, и поради што ќе се разгледаат подрачјата 23 и 24 од пристапните преговори. Од друга страна, Хан побара од македонските партии да бидат конструктивни, велејќи дека доколку политичкиот договор не биде спроведен, Македонија може да ја загуби препораката за отворање на преговорите која ја добива од 2009 година.