По објавите на „А1он“ за забраната за погреби за време на празнувањето на Св. Никола, Божиќ, Бадник, Велигден и Задушница, Македонската православна црква официјално известува дека одлука за забрана нема. Поради меѓусебна некоординираност некој погрешно пренел дека таква одлука има па погребите место во недела и понеделник, беа одложени за во вторник.
„По барање на свештенството од Скопската епархија да не се извршуваат погребенија на празникот на светиот Николај Чудотворец, во саботите на Духовденската и Митровденската задушница, како и на Велигден беа остварени средби со раководството на АД ‘Бутел’, на коишто се разговараше за таа можност. Но, конечно, таква одлука не беше донесена. Поради одредена меѓусебна некоординираност, од некого било погрешно пренесено дека таква одлука има и дека веќе на 19.12. 2022 година не треба да се извршуваат погребенија, а како последица на тоа дојде до несаканите случувања. Затоа, уште еднаш, истакнувајќи дека за тоа беше само разговарано, а не и одлучено, известуваме дека погребенијата ќе продолжат да се извршуваат секојдневно, како, впрочем , и досега“, соопшти МПЦ.
„А1он“ објави за забраната за погреби од владиката во понеделникот. Скопската епархија потврди дека таква одлука е донесена и свештениците од оваа година ја почитуваат. Во неделата и во понеделникот на Градските гробишта во Скопје немаше погреби оти на верниците им беше пренесена забраната од владиката.
Починатите верници од саботата, неделата и понеделникот на Градските гробишта во Бутел беа погребани вчера. Забраната предизвика лавина реакции кај верниците кои јасно укажуваат дека се против такво ограничување.