Можностите за студирање во Франција претставени на саем во НУБ

Од:

 Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ денеска се одржува Саем на студии во Франција, на кој претставници од околу 30 француски универзитети ги презентираат условите за студирање и можноста за стипендирање за македонски студенти.

На саемот беа присутни и алумни, односно поранешни студенти и стипендисти кои студирале во Франција, кои по враќањето во Македонија нашле работа од областа во која се едуцирале. Тие беа достапни за заинтересираните студенти и им кажаа кои се предностите за студирање во Франција и можностите по дипломирањето. 

– Сакаме да студирате во Франција и за таа цел во Францускиот институт имаме простор кој е специјално наменет за тоа – „Кампус Франс“, со помош на кој сакаме да ве заинтересираме и да ве убедиме дека е убаво да отидете и да студирате во Франција, рече француската амбасадорка во Македонија Лоранс Оер, која официјално го отвори саемот. 

Таа посочи и на новата можност за младите од Македонија – програмата „Идни професионалци“ која овозможува да стажираат во успешни француски компании. 

– Неколку компании ни одговорија позитивно на повикот, така што покрај студирањето ќе имате можност и за ваше идно професионално вклучување во општеството. Во однос на стипендиите, пак, покрај од образовната програма „Еразмус плус“, постојат и други, како стипендиите на  Универзитетската агенција на франкофонијата и на француската Влада, како и стипендии „Ајфел“ за најдобрите и најзаслужните,  додаде Оер. 

Саемот оваа година (од 11 до 18 часот) првпат се одржува во холот на Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Директорот Иван Заров рече дека многу македонски интелектуалци и ерудити уште од 19 век се едуцирале на некој од француските универзитети каде што ги стекнувале и првите контакти со европската култура. Посочи и дека првиот директор на НУБ „Св. Климент Охридски“, проф. Ѓорѓи Шоптрајанов, е доктор по филолошки науки од Универзитетот во Дижон. 

– Сорбона, Гренобл, Лион, Безансон, Дижон, Нант, Стразбур, Бордо, Руан, се само некои од најважните пунктови на интелектуалниот и духовниот растеж на македонските лекари, правници, научници, инженери, филозофи, економисти, кои ги восприемале културните, научните, филозофските и политички идеи од Европа, рече Заров. 

Саемот го организира Францускиот институт (одделот за високо образование Кампус Франс) во Скопје. Тој е дел од Регионалниот патувачки саем на студии во Франција, кој посетува повеќе земји на Балканот.

Би можело да ве интересира

Корчок: Се надевам дека преговарачката рамка ќе биде усвоена за време на португалското претседателство

Димитров и Османи во Брисел на средби со Борел и Лајчак

Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со Северна Македонија

Вицепремиерот Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ

СДСМ: Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го признае пописот е доказ за антидржавно и деструктивно однесување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Пендаровски: Не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции, мора да сме системски подготвени за следната криза