По детектирањето на индиската – делта варијанта на коронавирусот кај пациенти во земјава, можно е воведување мерки на границите при влез во Северна Македонија, но не и реорганизација на она што сега функционира како што се отворени установи со протоколи. До вчерашниот ден во државава се регистрирани десет случаи на заразени со делта-сојот, а вкупно се активни 141 случај на заразени со Ковид-19.
До крајот на неделава Комисијата за заразни болести ќе одлучува за воведување мерки за границите за влез во земјава. Би се барало ПЦР тест, потврда за вакцинација или за прележан Ковид-19. Ако бидат воведени мерките, би можеле да важат и за македонските граѓани кои ќе се враќаат во земјава од странство.
„Доколку се одлучи оти има епидемилошка вредност, тоа ќе важи за сите“ – изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Од понеделник ќе почне теренската вакцинација, а ќе се дозволи и вакцинирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на Фајзер.
Околу 400 илјади граѓани се веќе вакцинирани од кои 240 илјади ја примиле и втората доза, а до крајот на оваа недела ќе заврши и вакцинирањето на сите 60 000 пријавени кои добиле термин заедно со граѓаните кои се вакцинирани во Србија.
Според податоците што ги објави вчера Институтот за јавно здравје, регистрирани се девет нови случаи со Ковид-19 од 2.743 тестирања. Од нив шест се во Тетово, два во Гостивар и еден во Охрид. Починати пациенти не се регистрирани, а оздравеле десетмина. Со тоа вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 155 741, на оздравени пациенти е 150 114, а на починати е 5.486.