МОСТ: За прв пат конститутивната седница траеше 22 дена во период од 5 месеци, наспроти вообичаените 1 до 2 дена

Од:

Во рамките на проектот на „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“ Граѓанската асоцијација МОСТ денес го објави вториот извештај од набљудувањето на работата на Собранието на РМ.

Предмет на извештајот е конститутивната седница на Собранието, односно анализа на говорите на пратениците и анализа на начинот на кој претседавачот со конститутивната седница ја водел истата.

„За прв пат во историјата на парламентарна Република Македонија конститутивната седница на Собранието траела 22 работни дена во период од 5 месеци, наспроти вообичаените 1 до 2 дена. Причината за ова е злоупотребата на сите видови обраќања од пратениците: дискусија, реплика, контра-реплика и процедурално обраќање. Сите пратеници од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ (51) се јавиле за збор, од кои 16 го искористиле правото да дискутираат до 27 април. Само еден од говорниците се придржувал кон точката на дневен ред – избор на Комисија за прашањата на изборите и именувањата.

Деловникот бил прекршен во 1.566 од вкупно 1.812 говори (86%), а најмногу бил прекршуван од страна на пратениците од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, со 1.352 прекршувања (86% од вкупниот број прекршувања), по што следи коалицијата СДСМ со 148 прекршувања (9% од вкупниот број прекршувања).

Заклучок: Одолговлекувањето на конститутивната седница се должи на многубројните прекршувања на Деловникот од страна на пратениците од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ.

Во ниту еден од 1.566-те говори во кои бил прекршен Деловникот претседавачот не одзел збор на пратеник, со што не го спречил прекршувањето на Деловникот. Биле опоменати 5 пратеници од коалицијата СДСМ чии говори не го прекршиле Деловникот. Во 7 говори од пратеници на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ претседавачот го oпоменал говорникот повеќе од 2 пати, но не му одзел збор, иако повеќекратната опомена претставува основа за одземање на зборот. Од друга страна, тој одзел збор во 4 наврати, 2 пати без и 2 пати со една опомена, со што го прекршил правилото за двојна опомена пред одземање на збор.

Заклучок: Претседавачот со конститутивната седница ја злоупотребил својата позиција со тоа што не интервенирал кога пратениците од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ го прекршувале Деловникот и/или несоодветно реагирал во случаи кога пратениците од коалицијата СДСМ говореле без да го прекршат Деловникот.

Поради одолговлекувањето на конститутивната седница, истата заврши 5 месеци откако беше започната, што следствено го одложи и формирањето на новата влада.

Заклучок: Одолговлекувањето на конститутивната седница предизвикало одложување на трансферот на власта, односно парализа на законодавната и извршната власт.

Повеќе информации може да се најдат во целосниот извештај објавен на веб-страницата http://otvorenosobranie.mk. Проектот „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“ ќе се спроведува до март 2018 година и предвидува објавување на периодични извештаи за Индексот на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието. Овие редовни извештаи ќе ја информираат јавноста, медиумите и граѓанските организации за работата на пратениците, и за начинот на кој Собранието ја извршува својата улога регулирана со Уставот на РМ“ се вели во соопштението на МОСТ.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште