Прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ според извештаите и информациите добиени од набљудувачите е дека првиот круг од локалните избори се одржа во фер и демократска атмосфера, а граѓаните слободно излегоа и го дадоа својот глас, изјави извршниот директор на Граѓанската асоцијација МОСТ Дарко Алексов.
Ја поздрави и брзата и ефикасна реакција на институциите во текот на гласањето.
– Сите изолирани случаи на фотографирање на гласачки ливчиња беа навремено и ефикасно адресирани од страна на избирачките одбори, во соработка со полицијата која овозможи соодветно спроведување на законските одредби, што не беше случај во минатото. Ова придонесува кон спречување на притисоците врз граѓаните слободно да гласаат, истакна на денешната прес-конференција Дарко Алексов.
Полицијата, додаде тој, беше ефикасна и при отстранувањето на неовластените лица кои беа присутни пред и во дел од објектите во кои се сместени гласачките места.
На избирачките места каде што биле забележани технички предизвици при спроведувањето на гласањето, избирачките одбори и општинските изборни комисии навремено и ефикасно реагирале.
– На овие избори се формираа нови 3.480 избирачки одбори од страна на ОИК и дел од предизвиците во нивната работа се резултат на невоедначената обука која ја добија од страна на општинските изборни комисии, односно тие не постапуваа унифицирано во сите случаи. МОСТ забележа низа на случаи во кои избирачките одбори не дозволуваа гласање во име на друг и семејно гласање. Исто така, значително е намален бројот на лица кои се изјаснувале како неписмени и барале помош за да гласаат, рече Алексов
Во однос на гласањето на болните и немоќни лица спроведено пред денот на изборите, на рече дека на овие избори продолжил трендот на намалување на бројот, кој според официјалните податоци на ДИК изнесувал 5.025 лица.
Гласањето на лицата во затвор генерално било спроведено во согласност со законските одредби. Сепак, додаде Алексов, слично како и на претходните избори, 415 од вкупно 1.882 лица во затвор или притвор не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список, најмногу од нив во КПД Идризово – 351 лице. Причината за ова било тоа што најголем дел од нив имале неважечки лични документи.