МОСТ: Локалните избори поминаа во мирна атмосфера

Од:

Гласањето на првиот круг од локалните избори беше спроведено во мирна атмосфера, со голема излезеност на граѓаните, изјави денеска на прес-конференција извршниот директор на Граѓанската асоцијација МОСТ Дарко Алексов.

Најчести нерегуларности за кои известувале 3.332 на МОСТ се групно и семејно гласање, некористење на УВ-лампата, фотографирање на гласачките ливчиња и евидентирање на гласачите од страна на партиските набљудувачи на самото гласачко место.

– Сепак, мора да се истакне намалениот интензитет на дел од овие појави, како на пример гласањето во име на друг и повеќекратното гласање на исто лице, но од друга страна зголемување на случаите на групно или семејно гласање, изјави Алексов кој го презентираше прелиминарниот извештај на МОСТ за првиот круг од локалните избори.

Тој информираше дека на најмалку 15 избирачки места имало граѓани кои не можеле да се пронајдат во избирачкиот список. Алексов рече дека во овој момент не би можел да прецизира за колку граѓани станува збор, но оти нивните набљудувачи ја забележале оваа појава.

Во однос на читањето на глас на имињата на избирачите, Алексов вели дека тоа не е дефинирано како прекршување на Законот, но, според него, оваа практика претставува индиректен притисок врз гласачите. Загрижува фактот, додаде тој, што ниту една политичка партија не реагира на ваквата појава.

Во однос на предвременото гласање спроведено во саботата, според извршниот директор на МОСТ, повторно има зголемување на бројот на болни и немоќни лица кои се пријавиле за домашно гласање. Според информациите на МОСТ, бројот на вакви лица пријавени за гласање е најмалку 13.323 за разлика од 2011 година кога биле 10.749. Растечкиот тренд на вакви случаи за кои политичките субјекти исто така не реагираат, според Алексов ја доведува во прашање тајноста на гласот на овие лица.

Во однос на избирачкиот список, Алексов вели дека ДИК не издаде официјално соопштение за увидот во избирачкиот список односно колку промени биле направени во него согласно законските одредби и во законски предвидениот рок. Овие информации МОСТ во претходните изборни циклуси ги обезбедувала од подрачните единици на ДИК, но овој пат тие не биле овластени да даваат такви информации. Генерално работата на ДИК ја оценува како јавна и транспарентна.

Во однос на избирачките одбори кои беа во нов состав, според оваа Граѓанска асоцијација, во најголем дел мошне ефикасно ја извршиле својата работа во текот на гласањето, а во поспецифични случаи барале интервенција од ОИК кои експресно реагирале и ги решавале овие случаи.

– Ова претставува продолжување на позитивната практика која беше забележана и на претходните парламентарни избори, рече Алексов.

Законските рокови за спроведување на изборните дејствија генерално се почитувале. Алексов изјави дека на овие избори има повторно предвремено започнување на кампањата, а според него тоа е поради минималните казни предвидени за тоа, но загрижува и фактот што ДИК не постапила по ваквите прекршувања на партиите иако до неа пристигнале вакви претставки.

Во однос на изборната кампања за првиот круг, Алексов рече дека таа се карактеризирала со интензивна активност од страна на партиите, со голем степен на политичка поларизираност, негативна кампања, злоупотреба на државни и јавни ресурси, присуство на малолетници на митинзи, а мошне често и со говор на омраза.

– По подолго време беше забележана зголемена употреба на националистичка реторика, изјави извршниот директор на МОСТ.

Првиот круг на локалните избори МОСТ го набљудуваше преку 18 регионални канцеларии кои ги покрија сите 80 општини и Градот Скопје, односно територијата на цела Република Македонија.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Ковачевски: СДСМ мора да биде силна во Собранието, преголема моќ кај ДПМНЕ ќе значи и крај на нашите ЕУ перспективи

А1он

(ВИДЕО) Ковачевски: Најлесно е да се гласа против, само со глас За може да одиме напред кон просперитет

А1он

Битиќи: Први во регионот според слободата на медиумите – затоа да гласаме за бројот 1

А1он

Русија: Украинците подготвуваат напад на мостот на Крим, Западот им помага, а одмаздата ќе биде погубна

А1он

Димитриевски во Тетово: Ја бараме поддршката на граѓаните за работите во Македонија да не бидат како досега

А1он

Демократи: По изборите ништо веќе во Македонија нема да биде како до сега

А1он