Министерството за образование и наука (МОН) објави јавен повик за избор на идејно решение за лого, насловна фотографија и официјален назив на Националната платформа за учење на далечина.
Мотото на повикот е „Од учениците, за учениците“, и е отворен за учениците од сите основни и средни училишта во Република Северна Македонија. Тие можат да учествуваат индивидуално или во групи до четворица ученици, со поднесување на едно или најмногу три идејни решенија.
Со овој повик, како што се наведува во соопштението, МОН се обраќа до учениците, кои ќе бидат најголеми корисници на Единствена национална платформа за учење на далечина, којашто е предвидена со Планот за започнување на учебната 2020/2021 година. Преку Платформата ќе се реализира учењето на далечина, и ќе се овозможи разработка и совладување на материјата предвидена во наставните програми за сите одделенија во основното и средното образование, преку одржување двонасочна комуникација на едноставен и прифатлив начин за сите.
Национална платформа за учење на далечина е чекор напред во дигитализацијата на националниот образовен систем во Република Северна Македонија. Определен како висок приоритет во програмата за работа на Владата, МОН го интензивираше процесот на дигитализација во изминатите неколку месеци поради потребата од интервентно делување и вложување дополнителни напори за организирање на непречена формална едукација на учениците во вонредни околности и нетипични услови кои ги наложи појавата на пандемијата со Ковид-19.
Идејните решенија се доставуваат на електронската адреса [email protected]
Најдобрите пет решенија ќе бидат поставени на официјалната страница на Националната платформа за учење на далечина, на јавно гласање на учениците. Решението со најголем број освоени гласови од учениците, ќе биде избрано за официјално, додека за авторот/авторите ќе следува пригодна награда обезбедена од МОН и УНИЦЕФ.
Повеќе информации за јавниот повик може да се најдат на веб-страницата на Министерството за образование и наука, на следните линкови http://mon.gov.mk/content/?id=