Младински образовен форум (МОФ) ги поддржува напорите на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) за надминување на проблемите во образованието со кои се соочуваат наставниците, професорите, академската заедница, средношколците и студентите, имајќи ги во предвид последните информации и ставови презентирани во јавноста со кои СОНК најавува конкретни барања и протести за реформи.
-Сметаме дека оставарувањето на работничките права кај просветните работници е од огромно значење, не само за наставниците и професорите, туку и за учениците и студентите. Потенцираме дека во фокусот на секоја образовна реформа треба да се токму учениците и студентите за кои, наместо да бидат третирани како корисници во образованието, треба да се овозможи нивна интеграција на ниво на партнери. Според нас, подобрување на условите за работа кај наставничкиот и академскиот кадар и земање во предвид на нивните ставови ќе влијае врз квалитетот на образовниот систем во Република Македонија.
МОФ особено го поддржува СОНК во напорите за реформи на целите и начинот на спроведување на екстерното оценување, процес за кој, потсетуваме, 25.000 ученици, наставници, родители и загрижени граѓани преку петиција побараа да се прогласи за пробен. Екстерното оценување во двете години од негово спроведување резултираше со бројни технички недостатоци и законски недоречености. Овој процес наместо да резултира со подобрување на образованието во нашата земја, беше проследено со погрешно поставени цели, притисок и страв кај учениците и наставниците.
Поддржувајќи го СОНК во напорите за остварување на работничките права и преку тоа поттикнување на подобрување на образовниот систем, апелираме до СОНК, институциите и до целокупната јавност, дека напорите за реформи во образованието итно треба да вклучат и обезбедување плурализам во студентското организирање, вклучување на средношколците во процесите на носење одлуки во училиштата, ефективни мерки за сузбивање на корупцијата во високото образование, зголемување на транспареноста на високообраозовните институции, ефективни мерки за сузбивање на дискриминацијата врз професорите, наставниците, студентите и средношколците како и имплементација на стратегијата за интегрирано образование, се вели во соопштението на МОФ.