Препознавањето на дезинформации зависи од медиумската писменост. А тоа е прилично слабо кај голем дел од граѓаните. Ова го покажа истражувањето на Институтот за комуникациски студии за „Употребата на новинарството засновано врз факти за подигнување на свеста и за спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор“. Резултатите алармираат дека младите, повозрасните лица (над 60 години) и лицата кои се социоекономски загрозени се посебно подложни на дезинформации.
Три интернет вести со по 9 знаци на дезинформации. Во нивната презентација на студенти и пензионери, најголемиот дел од нив не успеале да препознаат ниту еден точен знак за лажна вест, што покажува дека и двете категории граѓани се подложни на дезинформации. Следењето вести на интернет и можноста да дојдат во допир со дезинформации е голема и кај двете возрасни групи, но, сепак кај нив постои свесност за постоење бариери во процесот на препознавање и справување со дезинформации.
Во однос на пречките во процесот на препознавање дезинформации во вестите, истражувањето покажа дека тоа се емоциите предизвикани од некоја вест, недоволното искуство и немањето интерес за темата на веста, а особено недоволното знаење за темата во веста. Од друга страна, индексот на писменоста за вести, свесноста за бариерите, како и мотивацијата за следење на вести и едуцирање за дезинформации е или во рамки на просек или малку над просекот и кај студентите и кај пензионерите.
„Тоа што најголемиот број студенти и пензионери не успеваат да препознаат ниту еден точен знак за лажна вест (интернет вест), како и непоптолно (не во целост) развиената медиумска писменост, се должи најверојатно на тоа што не се работи систематски и сеопфатно на овој проблем. Се должи на недоволно вложување во едукација за медиуми, во развивање на интелектуалната љубопитност, како и недоволно вложување во активациската компонента за следење вести“, објаснува за „А1он“, Елеонора Серафимовска, една од истражувачките и авторките на проектот.
Студентите без познавања за медиумите и процесот за ЕУ интеграција
Истражувањето покажува дека нема студент што ги препознал сите знаци на дезинформација во една или во повеќе интернет-вести. Во однос и на сите три интернет-вести, најголем е бројот на студенти кои не успеале да препознаат ниту еден точен знак за дезинформација. Од вкупно 9 во секоја вест , студентите во просек препознаваат 2.43 знаци за дезинформации.
Истражувањето ја анализира и поврзаноста на медиумската писменост со умешноста на граѓаните да ги препознаат дезинформациите во интернет-вестите. Високи 95.8 насто од студентите следат вести на интернет. Над 85% од испитаниците студенти не знаат дека на новинарите во С Македонија не им треба лиценца за работа, а дури над 94% не знаат кој го пишува соопштението за медиумите.
Студентите покажале многу малку познавање и во врска со процесот на европската интеграција. Во просек, тие не достигнуваат ниту едно точно одговорено прашање. Околу 27 % од студентите одговориле точно на прашањето за процесот на скрининг, а најмалку знаеле точно да одговорат кога била одржана Меѓувладината конференција за Р. С. Македонија.
Сепак, заинтересираноста на студентите за темите со европската интеграција е помала во споредба со темите поврзани со климатските промени. Оваа разлика, речиси во истиот сооднос, е пресликана и во контекст на важноста на темите за европската интеграција и за климатските промени за самите нив. Темите како европската интеграција им се помалку важни на студентите споредено со теми како климатските промени.
Резултатите покажуваат дека колку личноста е медиумски пописмена толку поумешно ќе ги препознава дезинформациите во интернет вестите. Односно, оние кои имаат повисок индекс на писменост за вести, повисока свесноста за бариери во процесот на препознавање дезинформации – тие поуспешно ги препознале дезинформациите.
Истражувањето е спроведено меѓу 193 студенти од прва и втора година од повеќе факултети од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, од Државниот Универзитет во Тетово (ДУТ) и од Универзитетот „Мајка Тереза“.
Пензионерите со слично знаење, ама позаинтересирани за ЕУ и климатските промени
Истражувањето покажува дека пензионерите и со повисока и со пониска медиумска писменост еднакво неуспешно ќе препознаваат знаците за дезинформации. Сепак, тие со повисока медиумска писменост ќе покажат и поголеми знаења, како и поголем интерес за општествено важни теми.
Знаењето за медиумите е под просек и кај пензионерите, дури и полошо за разлика од студентите. Демографски, пензионерите со повисоко образование и оние кои живеат во градска средина, имаат подобри познавања за медиумите. Сепак, и студентите и пензионерите не се разликуваат во индексот на писменоста за вести.
Пензионерите исто така имаат многу слаби познавања за процесот на европската интеграција. Над 65 % одговориле неточно на сите пет прашања. Интересно е дека најголем процент од пензионерите дале точен одговор на прашањето за Меѓувладината конференција за С Македонија, прашање за кое студентите најмалку знаат.
Споредено со одговорите на скалата за факти за процесот на европската интеграција, студентите и пензионерите се многу повеќе информирани и повеќе знаат за климатските промени. Сепак, пензионерите се издвојуваат како група со поголем интерес, препишувајќи им поголема важност на темите за климатските промени, отколку за темите поврзани со ЕУ интеграцијата на земјата.
Според Серафимовска, медиумската писменост и кај студентите и кај пензионерите значи и поголема информоираност за актуелни и важни општествено-полтички теми, што од своја страна значи одговорност да се биде добро информиран, а одлуките да се донесуваат врз добра и точна информираност. Само тогаш однесувањата на луѓето, во реалниот и во киберпросторот, ќе значат активно и партиципативно, но и критичко граѓанство.
„Медиумската писменост кај пензионерите не значи и умешност за препознавање на дезинформации во интернет вестите, а причините се во нивното непознавање на тоа како функционира и кои се можностите што ги нуди киберпросторот, што ги прави особено ранливи на дезинформации. Тие следат вести на интернет, некои од нив и секојдневно користат компјутери, но, речиси ниеден од нив не умее да препознае знаци за дезинформации во интернет вестите. Од друга страна, индексот на писменоста за вести, свеснота за бариерите, како и мотивацијата за следење на вести и едуцирање за дезинформации е или во рамки на просек или малку над просекот и кај студентите и кај пензионерите, што зборува дека и кај студентите и кај пензионерите постои потреба за развивање на сите компменти од медиумската писменост.“, смета Серафимовска.
Во истражувањето на возрасни над 60 години, беа вклучени 98 пензионери, членови на здруженија од повеќе општини.
За ранливите категории, медиумската писменост на е приоритетна
Лицата од социјален ризик генерално не следат медиуми и вести, а со тоа не го разбираат ниту концептот за медиумска манипулација. Ова го покажаа собраните искуства од фокус-групата од лица во социјален ризик, составена од 16 жени примателки на социјална помош.
Најголем број учеснички (8 од 12) знаат за Европската Унија, речиси сите знаат дека Р. С. Македонија сака да влезе во ЕУ, но, ниедна не знаеше кој е преговарач. Само третина од нив се изјасниле дека слушнале за климатските промени, со многу скромни познавања.
„Може да се каже дека оваа група на социјално ранливи лица се под висок ризик на влијанието на дезинформациите поради нивната неписменост, невработеност и оттаму, поради неможноста да се вклучат во општествените случувања во кои би ги ангажирале своите сознајни капацитети, како и со многу ниска мотивираност да учат работи што не се директно поврзани со нивните приоритетни потреби. Предизвикот за оваа социјално ранлива група, која поради оваа состојба е подложна на дезинформации, е наоѓањето начин како да се подигне нивото на нивната мотивираност за учење, како безбедно да стигнат до точни и проверени информации за прашања од општествено значење“, пишува во анализата.
Прво истражување за медиумска писменост од овој вид
Досега, истражувањата во Северна Македонија ја истражувале медиумската писменост на едно општо, појавно ниво. Ова истражување на ИКС се разликува од сите други, по тоа што за првпат е направена скала за мерење на медиумската писменост и индекс на медиумска писменост. Односно, кои се психолошките и социолошките фактори што влијаат врз медиумската писменост и дали медиумската писменост ќе доведе до поуспешно препознавање на дезинформациите во медиумите.
Како што објаснува една од авторките на истражувањето, Елеонора Серафимовска, медиумската писменост може успешно да се мери.
„Истражувањето претпостави и докажа дека препознавањето на дезинформации зависи од писменоста за вести. Фактори за препознавање на дезинформации се потребата за спознавање – анализа на сите информации кои ги восприемаме во вестите; верувањето дека ние можеме да ги контролираме медиумите и информациите а, не медиумите нас; како и знаење за медиумите. Кога сите овие потреби и знаења се развиени тогаш тоа ќе претставува фактор за препознавање, а понатаму и за справување со дезинформациите. Мотиви клучни за препознавање на дезинформации се: внатрешна мотивација за следење вести и мотивација за учење (едукација) за дезинформации. Предизвиканата емоција најчесто ќе го попречи, дури понекогаш и оневозможи „рационалното читање“ и анализа на информацијата која се восприема и на тој начин ќе стане пречка за препознавање на дезинформациите. Истото може да се случи и во ситуации кои немаме доволно интерес, ниту искуство, а особено ниту знаење за темата на веста“, објаснува Серафимовска.