Младински oбразовен форум и Центар за интеркултурен дијалог, на 22.07.2015, ја одржаа конференцијата за младински совети – “Младите одлучуваат”, која воедно e и завршна активност на проектот „Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини“, финансиран од Европската Унија (ИПА Програма). Проектот беше реализиран во периодот декември 2013 – јули 2015, во општините: Центар, Чаир, Липково, Велес, Тетово, Дебар, Струга, Битола, Кичево, Неготино, Делчево и Кратово.
Г-дин Роберт Лидл како раководител на Одделот за политички прашања, правда и внатрешни работи при Делегацијата на Европската Унија во Скопје, ја отвори конференцијата, потенцирајќи дека младите се приоритет на ниво на Европската Унија. Младите треба да се вклучат во општествениот дијалог и за прашања како невработеноста, односите помеѓу заедниците, а се во правец да се надминат негативните трендови и да се справат соодветно со предизвици. Г-дин Лидл потврди дека заложбите на Европската комсија во областа на младинско учество се долгорочни. Меѓутоа потребна е посветеност и напорна работа од сите, за да младите самостојно ги исполнат задичите и ги остварат своите цели.
Министерот за локална самоуправа г-дин Лирим Шабани, во својот говор го поздрави проектот, објаснувајќи дека една од основните улоги на граѓанинот на локално ниво е да учествува во консултативните, и процесите на одлучување. Според г-дин Шабани локалната демократија е основата на демократијата и цел на општините е граѓаните да ја чувствуваат како втор дом. Во своите завршни излагања, тој потенцираше дека позитивните искуства очекува да се реплицираат и во другите општини. Г-дин Шабани истакна дека помеѓу младите не треба да постојат табу теми затоа што само на тој начин можат да се надминат проблемите кои се карактеристични за нашите средини, како што беше случајот по немилиот иницидент во Куманово. Тој нагласи дека ќе ја поддржи секоја иницијатива, како член на Владата, министер, граѓанин што ќе им овозможи на младите да бидат сплотени како младите присутни денес пред него.
Г-ца Сања Божовиќ, како проектен координатор, објасни дека како резултат на спроведените проектни активности, основани се 12 локални младински совети или други форми на младинско претставништво во партнерство со општините; усвоени се 12 локални младински стратегии и други стратешки документи; обучени се повеќе од 300 младинци во сите општини кои беа дел од активностите; унапредени се знаењата на младите активисти и младински структури во полето на младинско учество и младинските политики; креирана е тематска мрежа со цел споделување на знаење и позитивни практики помеѓу локалните младински совети.
Свое излагање во вториот дел на конференцијата имаа г-ѓа Јулијана Даскалов (експерт за младински политики и младинско учество; г-ца Емилија Андонова (локален координатор за проектните активности во општина Неготино); г-дин Илир Османи (претседател на Локален младински совет на општина Липково); г-дин Сефер Селими (координатор за млади во општина Гостивар) и г-дин Дамјан Николовски (претседател на Националниот младински совет).
Г-ѓа Јулијана Даскалов, експерт за младински политики, изјави дека на младите не им е потребна теорија за како да се организираат, тие точно знаат што прават. Таа се осврна на одлуката на Влада за основање на локални младински совети до крајот на 2015 година, објаснувајќи дека младите
треба да се самоорганизираат, да побааат да бидат вклучени и консултирани, а не да им се наметне претставничко здружување. Г-ѓа Даскалов посочи дека на младинскиот сектор му е потребен стратешки документ кој ќе ги отслика потребите на младите на подолг рок, процес кој веќе е во тек, поддржан од Агенција за Млади и спорт и УНДП. Меѓутоа за жал интересот на младите за овој процес е незадоволителен.
Г-дин Илир Османи, претседател на локалниот младински совет во општина Липково, зборуваше за специфичноста на руралните средини при реализирање на ваков тип на активности. Руралните средини како Липково, поради својата географска позиционираност и економски услови, имаат бавен напредок, вклучително и по прашањето на младинско здружување. Меѓутоа важно е што постои интерес и мотивација за менување на состојбите како кај младите така и кај институционалните власти.
Г-ца Емилија Андонова, локален проектен координатор во Неготино изјави дека во целиот процес потребата на младите и вербата дека може да направат промени е клучна. Во процесот, младите имале институционална поддршка од Градоначалникот и од Советот во Општина Неготино, но ограниченоста на 5 членови во Статутот ги поттикнала да иницираат промена на Статутот на општината и на тој начин да ја зголемат бројката на членови кои може да учествуваат во локалниот младински совет.
Според г-дин Сефер Селими основањето на Младинскиот совет во општина Гостивар покажа дека младите можат да влијаат врз политиките кои ги засегаат. Меѓутоа клучна алатка за успех е отвореноста и волјата за соработка на самата општина.
Г-дин Дамјан Николовски, претседател на Националниот младински совет на Македонија, изјави дека НМСМ го поддржува основањето на локални младински совети,како основни клетки каде се негува одговорно граѓанство. Нивното функционирање мора да ги отсликува реалните потреби на младите и да се водат по принципите на инклузивност и плурализам.
Дел од заклучоците од панел дискусијата и излагањата на присутните се дека додека во земјата, во изминатите години постоеја само неколку локални младински совети, но во меѓувреме се формираат десетици, а голема е веројатноста веќе следната година вакви структури да бидат развиени и основани во сите општини. Меѓутоа учесниците предупредуваат дека мерка за успешност не треба да биде процентот на основани совети, туку колку тие се отворени, водени од младите и ефективни во застапувањето на интересите на младите на локално ниво.
При формирање Локални младински совет не се пожелни модели кои го ограничуват бројот на членови, туку совети отворени за различни форми на здружување и бројност. Потребно е да се почитуваат принципите на инклузивност и плурализам имајќи ја предвид разноликоста на младинско здружување на локално ниво, каде постојат младински организации, организации за млади, средношколски и студентски форми на здружување, подмладоци, спортски и културни друштва и други форми кои треба да имаат можност да бидат дел од советите.
Секако, треба да се има предвид специфичноста на секоја заедница при одлучувањето на конкретниот модел на претставување, што значи дека наметнување на еден ист модел без да се имаат предвид условите и потребите може да не ги даде посакуваните ефекти. Важен критериум за проценка на успешноста на овие совети е и можноста за избор на свои претставници, наспроти назначување на претставници од страна на локалната администрација. Зашто тој начин се загрозува репрезентативнста во ваквите структури, нивната автономија и конечно ефикасноста во заштита на младинските интереси.