„Кучето кое избезумено бегаше од друго куче, влета под тркалата на колата на младото момче. Го слушнав крикот на болката. Притрчав… И тој застана, во очите му навираа солзи а беше беспомошен, тага.. зошто тоа да се случи… Не остана рамнодушен…
Таа се влечеше по асвалтот, ја кренавме во раце за кратко да ја згрижиме.
Ќе ја викаме МАРТА, затоа што тој месец ќе ѝ го продолжи животот.
Причекавме да дојде мобилната ветеринарна амбуланта а тој се уште беше тука, момчето кој ја прегази.
Нешто воскресна во него. Јас кучето ќе го земам кај мене, рече тој.“
Вака Јоцо Дамјаноски од Прилеп прв на социјалните мрежи ја раскажа приказната на Марта, куче од прилепските сокаци кое влетало под тркалата на автомобил со кој управувал младо момче, а тој бил сведок на настанот.
Животот на ова куче засекогаш ќе се промени од минатиот месец, март, па можеби токму влетувањето под тркалата ќе биде и неговата најголема среќа. Често сме сведоци како несовесните возачи си го продолжуваат патот откако ќе прегазат животно на улица, но тоа не било така во случајов. Младото момче си ја зело Марта дома.
Неговата мајка, Моника Бошкоска, која работи како медицинска сестра во ковид центарот во Прилеп за „А1он“ ја раскажа оваа инспиративна приказна, која не може често да се слушне на овие простори.
„Мојот син го видел кучето додека трчало, но се се случило толку брзо што не забележал кога тоа завршило под неговите тркала. Фризерот Дамјаноски кој има дуќан во близина, прв притрчал да му помогне на син ми. Тој е познат по неговата љубов кон животните“, раскажува Моника.
Младото момче кога го видело повреденото куче одлучило да го однесе во својата куќа за да се погрижи што побрзо да заздрави.
Ветеринарот кој прв ја прегледал Марта им кажал дека кучката ќе живее само уште неколку часови. Сепак Моника и нејзиниот син биле упорни и не се откажале од Марта. Таа се уште има скршена карлица и е во гипс, но веќе почнува сама да станува и се обидува да се движи. Прашање на време е кога таа повторно ќе може да оди нормално.
Моника вели дека таа и нејзиното семејство и порано чувале кучиња, па имаат искуство во однос на грижата и негата.
„Марта е многу разбрано куче и се однесува како небаре да не сака да нè вознемирува“, вели Моника.
Таа вели дека биле изненадени кога на снимките од безбедносната камера во нивната куќа виделе како нејзината ќеркичка која имала развиено фобија од животни, сама му се приближува и го прегрнува кучето.
„Мојата петгодишна ќерка најмногу се приврза со кучето. Таа порано беше нападната од мачки па имаше развиено страв од животни. Сега Марта и помогна да го надмине тој страв, ќерка ми постојано ја гушка и повторува дека многу ја сака“, раскажува Моника.
Љубовта кон животните Моника ја добила од својата мајка која исто така има вдомувано бездомни кучиња.
„Мојата мајка ја вдоми Стела која беше малтретирана и напуштена од сопствениците. Со месеци на Фејсбук се повикуваше за нејзино вдомување, но никој не сакаше да ја земе, можеби цела година. Сега таа е кај мајка ми и е одлично“, раскажува Моника.
Таа вели дека освен што и го спасила животот на Марта, се чувствува и како таа да го спасила нејзиниот, бидејќи како медицинска сестра интензивно работи со ковид пациенти и сега присуството на Марта во нејзиниот живот ѝ помага да го надмине секојдневниот стрес со кој во моментов се соочуваат здравствените работници.