Шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Нина Суомалаинен, е запознаена со 41 одлука на претседателот Ѓорге Иванов, објавена вчера во Службен весник, со која се помилуваат 56 лица.
„Претседателот соопшти дека неговите намери се да придонесе за решавање на тековната криза, но сепак, граѓаните имаат право да видат дека политичка и правна одговорност е понесена. На судството, како и на Канцеларијата на Специјалното обвинителство, мора да им се дозволи да продолжат да ја вршат нивната важна работа, во согласност со принципите на независност и непристрасност.
Истрагата на случаите поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, и судските случаи кои ќе следат натаму, треба да помогнат да се врати довербата на граѓаните во владеењето на правото и во функционирањето на непристрасниот правен систем.
Во овој клучен период, ние ги охрабруваме сите страни, да дејствуваат конструктивно и да овозможат принципите на демократското владеење и владеењето на правото да преовладаат. Граѓаните се повикуваат да се воздржат од насилство додека го користат уставното гарантирано право на јавен протест. Во фокусот на сите заложби треба да биде интересот на државата и нејзините граѓани“, се наведува во изјавата на шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, по повод одлуките на претседателот Иванов да помилува 56 лица.