Министрите за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска го промовираа системот за микроучење, како напредна алатка за зголемување на степенот на познавање на прописите од страна на вработените во јавната администрација.
Особено значајно за МВР, нагласи министерката за внатрешни работи, е тоа што овој систем е многу едноставен за управување и користење. Тоа значи дека овој систем може да го користи секој што раполага со персонален компјутер или со „паметен мобилен телефон“.
– Системот се состои од серија на прашања кои службеникот ги одговара и со самото тоа може да го провери и степенот на неговото знаење. Истовремено, неговиот старешина може да има увид во тоа колку има интерес кај секој службеник поединечно да учи и да се надградува, но и со колкава успешност ги одговара прашањата, појасни Јанкулоска.
Самиот систем, пак, кога се работи за МВР, областите по однос на кои ќе се обучуваат вработените, ќе бидат прилагодени на работата на МВР, но можат да бидат од секоја сфера.
Овој систем за микроучење, потенцира министерот Ивановски, се воведува во Република Македонија по примерот на Австрија, а е прва држава од регионот што ќе го користи односно активно го применува. Досега, информира тој, се изработени 13 курсеви на овој систем, направени се 27 лекции, 192 лица од државната администрација веќе поминале на обука, а над 6.600 посети се регистрирани на овој систем во период од три месеци. Според направената анкета, дури 80 проценти изразиле задоволство и се изјасниле оти се согласни и понатаму активно да го користат системом за кој сметаат дека нема потреба од промена на негова надградба.
– Системот се користи и на „паметни телефони“ каде што може да се даде одговор, а самиот систем го кажува точниот одговор, со тоа што има можност да се даде и објаснување за точниот одговор. Тоа значи дека вработениот постојано се едуцира на своето работно место без да го напушти, а што е најбитно за институција како МВР, кое има голем број локации и е децентрализирано, сите вработени во админситрацијата рамномерно ќе се надградвуаат во своето знаење особено кога има измени во легислативата, изјави минситерот Ивановски.
Тој најави дека се очекува до крајот на оваа година, како Министерство за информатичко општество и администрација да се реализираат над 3.000 обуки на постоечкиот систем.