За поквалитетен човечки потенцијал во здравството, ресорното министерство предложи крупна реформа во едукацискиот систем. Содржана е во Предлог-закон за медицинските студии и континуирано стручно усовршување на докторите по медицина, кој денеска ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството за здравство.
Министерот Никола Тодоров на прес-конференција рече дека реформата е направена по германски модел за едукација кој таму функционира 12 години. Целта е за една деценија Македонија да добие комплетно различен и функционално сериозно подобрен здравствен систем по примерот на најразвиените земји во светот.
– Очекувам дека ќе биде поддржан од сите прогресивни здравствени работници и од граѓаните на Македонија зашто е наменет за подобар живот. Ниту опремата, ниту системот, ниту новите и современи згради на здравствените установи не се корисни доколку човечкиот потенцијал ги нема изградено потребните знаења, вештини и ставови на моменталното технолошко ниво, рефернциите на пациентите и на современиот начин на живеење. Затоа е незамисливо да се зборува за реформа на здравствениот систем, а да не се започне од реформа на системот за медцинското образование, рече Тодоров.
Меѓу главните новини е тоа што првпат ќе има поделба на студиите по медицина на претклинички (во првите две години) и клинички дел (во следните четири години), практична тримесечна обука за болничко згрижување преку волонтерска работа, стекнување комуникациски вештини на студентите за соодветно однесување кон пациентите и колегите, задолжителна онлајн-едукација на докторите, задолжително познавање и изучување предмети по англиски јазик, видеозаписи на сите хируршки интервенции, формирање медицински симулациски центар каде што ќе вежбаат студентите по медицина, литература што се користи на првите 100 рангирани универзитети на Шангајската листа…
Студентите и докторите на медицина ќе полагаат стручен испит во два дела, кој е услов за вршење на дејност доктор на медицина. Испитот се состои од писмен, устен и практичен дел. Се полага пред испитна комисија формирана од Лекарската комора на Македонија, која за првиот дел ја сочинуваат три члена, а за вториот дел – пет члена. Членовите на комисијата се доктори по медицина, доктори по медицински науки, со сериозен научен бекграунд и работно искуство во врвни медицински установи, како и претставници од Владата и министерствата за здравство и за образование на полагањето на првиот дел.
Најдоцна до летото медицинските факултети треба да ги приспособат студиските програми кон Предлог-законот. Се очекува да се применува од следната студиска година, откако програмата ќе биде одобрена од Одборот за акредитација и евалуцација.