Министерството за здравство ги отфрла обвинувањата од Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“, посочувајќи дека постојано вложува во унапредување на здравствената состојба на лицата со дијабетес.
„Баланс МК“, според ресорното Министерство, повторува иста лага, со цел да створи конфузија и паника, меѓу лицата болни од дијабет и покрај тоа што за нивните тврдења добиле демант од Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија, Педијатриските ендокринолози од Универзитетската клиника за детски болести, Раководителот на Центарот за дијабетес, Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот и Сите релевантни светски протоколи согласно медицина базирана на докази.
– Наспроти изнесените ставови од докажани авторитети, мала група од неколкумина, од само на нив познати причини, во изминатите неколку месеци се обидуваа со манипулации, ширење невистини, и изјави кои воопшто не беа стручно и научно поткрепени, да предизвикаат неоснована паника меѓу лицата со дијабетес. На овој начин, не предизвикаа никаков ефект, освен што предизвикаа штета на лицата со дијабетес, како исклучително чувствителна категорија, стои во реакцијата на Министертсвото.
Тие потенцираат дека глукометрите и инсулинските игли со соодветни димензии се целосно бесплатни, сите лица со дијабетес тип 1 бесплатно добиваат 125 ленти за мерење гликемија месечно, што е повеќе од доволно за следење на гликемиската контрола во домашни услови и што може правовремено да сигнализира и за евентуална кетоацидоза.
Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“ денеска преку соопштение најави дека ќе бара иглите што се користат кај бебињата и децата дијабетичари да се стават на позитивната листа.