Годишната конференцијата за информации и комуникации на НАТО, најголемиот настан во доменот на стратегиските комуникации на Алијансата, наесен оваа година ќе се одржи во Северна Македонија.
Како што информира Министерството за одбрана, на конференцијата во Скопје ќе пристигнат околу 500 НАТО-експерти за стратегиски комуникации од сите земји членки на Алијансата и од околу 40 партнерски земји.
Конференцијата претставува годишен форум на кој се разговара за комуникациските функции и планови на Алијансата, а се разменуваат и искуства и научени лекции за актуелните и идните предизвици во областа на стратегиските комуникации.
-Организацијата на овој значаен настан во нашата земја е потврда за реномето кое го стекнавме како членка на Алијансата која прави решителни чекори во развојот на стратешките комуникации. За Министерството за одбрана, овој голем настан е дополнителна можност за унапредување на репутацијата на Регионалниот центар за односи со јавноста и справување со дезинформации во НАТО и негово вклучување во НАТО-системот за обука во доменот на стратешките комуникации, соопшти Министерството за одбрана.
Како што наведува Министерството во соопштение, довербата од сојузниците да ја организира оваа конференција во Скопје, ја доби во 2020 година, но нејзината реализација беше одложена поради рестрикциите предизвикани од КОВИД-пандемијата. Во 2020 и во 2021 година конференцијата се одржа со видеоконференциска врска.