Стапувањето во сила на новиот Закон за кривична постапка претставува своевидна пресвртница во функционирањето на кривично-правниот систем на Република Македонија, изјави министерот за внатрешни работи Агим Нухиу на тркалезната маса на тема „Промоција на извештајот од импакт евалуацијата на обуката за Законот за кривична постапка“, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
– Овој крупен реформски зафат имаше за цел квалитативно и функционално надградување на системот на кривично-правен прогон во сите негови нормативно-процедурални фази, со особен акцент на фазата на истрагата. Воведувањето на овој системски нормативен стандард, не само што не приближува до нашите евроинтегративни стремежи, туку истовремено ни овозможува поефективно детектирање и справување со сите облици на криминал, притоа обезбедувајќи побрзо остварување на правдата, изјави Нухиу, се наведува во соопштението на МВР.
Потенцираше дека квалитетот на еден закон или на закони од една област, како во случајов кривично-правниот сегмент, не зависи само од квалитетот на напишаните одредби, нивната усогласеност или прецизност, туку и од разбирањето и практичната примена во секојдневното функционирање на надлежните институции.
– Во крајна линија токму практиката и нејзиното искуство е таа која ја дава пресудната оценка за ефикасноста и ефективноста на законите, дали и колку сме биле успешни. Во тој контекст, сметам дека и оваа тркалезна маса, односно Извештајот од импакт еваулацијата на обуката за ЗКП имаат исклучителна важност во проценката на сработеното и во детектирањето на евентуалните слабости што треба да бидат отстранети, рече Нухиу.
Министерот Нухиу се заблагодари на поддршката од ОБСЕ и други релевантни меѓународни организации во реализацијата на овој системски проект, потенцирајќи дека во низата реформски предизвици со кои што МВР беше соочено во изминативе години, Министерството доби голема помош од партнерите од САД, ЕУ, ОБСЕ и други релевантни меѓународни организации.