Владимир Милчин во напис „Еве им факти“, објавен на порталот Скај реагира на објавувањата на имињата, на како што вели , имиња на десет лустрирани граѓани на на веб-порталот МКД.МК . „Суфлерот кој ги шепнал десетте имиња го прекршил не само спорниот закон за лустрација, туку и неспорниот Закон за заштита на личните податоци. Кој бил суфлерот? Несомнено, некој од мнозинството во Комисијата кое, предводено од претседателот без мандат, одбива да побара истрага заради откривање на суфлерот-кодош во Комисијата (која неуспешно глуми дека лови кодоши)“, пишува Милчин.
„Објавувањето на десетте шепнати имиња ме потсети на тоа дека пред една година, на некои други медиуми, најверојатно од истиот кодош во таа иста комисија, им беше шепнат мојот личен опис. Уште пред да биде, „на гурање“ и без докази, изгласано решението дека сум бил кодош.
Не знам дали претседателот без мандат и Комисијата (која божем верификува факти)знаат дека шепнатиот Стојан Чамински е едно од осумте службени лица на СДБ, односно ДБК, кои учествувале во формирањето на моето лично досие. Според апсурдната логика на претседателот без мандат и Комисијата (која божем верификува факти), Чамински всушност бил „кодош“ кој го кодошел „кодошот“ Милчин, а не полицаец кој наложувал или спроведувал мерки против политички сомнителниот Милчин!?“, пишува Милчин .
„На 10.11.2000 година, побарав пристап и увид во лично досие и добив одговор од МВР. Појасно, здравје! Владимир Милчин немал досие на соработник, туку досие „од политички и идеолошки причини“, што ќе рече, досие на жртва. Тој факт, потврден со потпис и заверен со печат, по сѐ изгледа, Комисијата (која божем верификува факти), не го верификувала кога гласала во летото 2011 година. Не знам дали обневидела од сакање или од морање, или, можеби, овој документ им бил премолчан или скриен. И затоа го објавувам сега, за да не им се случи да го повторат кривичното дело клевет“, пишува во колумна за Скај, Владимир Милчин.
Пресудата на Управниот суд за решението на Комисијата (која божем верификува факти), вели Милчин , ја чекав 6 месеци зашто во судот немало судија со т.н. безбедносен сертифинат. Меѓувремено, Уставниот суд укина 12 одредби од Законот за дополнителен услов за извршување јавни функции, па Управниот суд го поништи решението без да пресудува за фактите. Со оглед на фактот дека сега во Управниот суд има судии со т.н. безбедносен сертификат, вели, остварени се сите услови Управниот суд да биде побрз од Уставниот суд и да го разобличи обидот за политички линч на Владимир Милчин.