Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиуми, Дуња Мијатовиќ во писмо до Томе Аџиев, изрази загриженост за одлуката на Комисијата за лустрација да ја прогласи уредничката на „Фокус“, Јадранка Костова за соработник на тајните служби.
Во писмо до претседателот на комисијата, Томе Аџиев, Мијатовиќ вели дека таа не ја става под знак прашалник лустрацијата, но додава оти не треба да се користи како алатка за вршење притисок врз критичките гласови.
„Земајќи во предвид дека Фокус веќе е под притисок, вклучувајќи бројни тужби за клевета и навреда кои му нанесуваат голема штета на списанието и неговите новинари, на одлуката на комисијата може да се гледа како на вршење притисок, загрозување на медиумот и следствено да има застрашувачки ефект врз слободата на медиумите во земјата, напишала Мијатовиќ.
Таа додава дека ќе продолжи да ја набљудува одблиску ситуацијата и нејзиниот понатамошен развој, кој може да има негативен ефект врз слободата на говор и слободата на медиумите.