Кога локалната самоуправа работи со Владата како партнер тогаш резултатите не изостануваат. Овие проекти покажуваат дека Гевгелија е дел од приказната на новото време што го живее Македонија. Дел од новата фаза на домаќинско управување, одговорна политика и градење со поглед во иднината. Времето кога парите завршуваа во приватни џебови е минато. Денес секој денар се гледа на терен, во нова улица, нов натпатник, нова крстосница, во подобар живот. Денес испраќаме порака- продолжуваме да вложуваме, да градиме, да го менуваме лицето на секој град, секое село и секоја општина во Македонија.
Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски од Гевгелија каде се обрати по повод пуштањето во употреба на булеварот „Свети Климент Охридски” во Гевгелија.
Премиерот Мицкоски подвлече дека денеска во Гевгелија заедно сведочат на исполнување на едно големо ветување, пуштање во употреба на капиталниот проект-улицата „Свет Климент Охридски“, обиколницата која претставува нов, современ западен булевар и е директна артерија за сообраќајниот и економскиот живот на Гевгелија.
– Ова беше приоритетен проект од програмата за работа уште во 2021 година и денес, само неколку години подоцна, го гледаме реализиран со вредност од над 120 милиони денари или околу 2 милиони евра оваа улица не е само нов асфалт, туку симбол на нашата решителност дека ветувањата не се даваат за да се заборават, туку за да се исполнат. Инфраструктурата е темелот на развојот-таму кадешто се инвестира во улици се гради и доверба, се отвораат можности се унапредува квалитетот на секојдневниот живот на луѓето. Гевгелија во изминатите години прераснува во вистински пример за тоа, потенцираше Мицкоски.
Паралелно со овој проект, додаде тој, во тек е и реконструкцијата на дел од булеварот „Гевгелија“ заедно со натпатникот на улицата „Железничка“ и железничката пруга, проект во вредност од над 25 милиони денари.
-Овие вложувања се од огромно значење затоа што обезбедуваат подобра поврзаност, безбедност и ефикасен проток на луѓе и стока. Дополнително во завршна фаза е изградбата на кружната крстосница на влезот во Гевгелија со нов мост над каналот Рауљ, како и дислокација на дел од каналот под крстосницата, проект вреден повеќе од 27 милиони денари. Тоа се крупни инфраструктурни зафати што значат подигнување на Општината на едно повисоко ниво, штом значи визија, план и конкретна работа, рече претседателот на македонската влада, Христијан Мицкоски.
Заедно со членовите на Владата, потпретседателот Александар Николоски, министерот за локална самоуправа, Златко Перински и градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов премиерот изврши увид на градежните активности на брзодинамичниот кружен тек на влезот во Гевгелија, на мостот над каналот „Рауљ”, на реконструкцијата на булевар „Гевгелија” како и на надвозникот на улица „Железничка”.