Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека неговата партија нема да го поддржи Законот за спречување корупција во оваа форма.
Тој додаде дека нивните забелешки се принципиелни и биле изложени на работната група во рамки на Собранието, а истовремено изрази надеж дека СДСМ ќе се повлече од најавата законот да се стави во собраниска процедура со европско знаменце и да се донесе по скратена постапка. Според Мицкоски, овој закон е исклучително важен и треба да ја добие поддршката од сите политички партии.
„ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање и има аргументи кои се во согласност со ГРЕКО и со меѓународното право. Подготвени сме да ги аргументираме каде било, кога било и со кого било од нашиот политички противник“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ денеска пред Соборниот храм се осврна и на претстојните претседателски избори и истакна дека очекуваат победа.
„Јас лично очекувам една голема победа на ВМРО-ДПМНЕ на следните претседателски избори“, рече Мицкоски и додаде дека конкурсот е објавен, а заинтересираните кандидати можат да аплицираат до 31 јануари.