Деловниот простор кој го купила политичката партија Левица се споменува и во исказите во судскиот процес за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во делот за обвинетиот Љупчо Палевски –Палчo, кој се среќавал со членови на неговата партија Десна, откри денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски од говорницата во македонското Собрание, кој одговараше на прашање на пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО ДПМНЕ за партијата Левица, за тоа дека свесно го изигрувала законот и недостасувале анкетни листови.
-Ако ги слушате последните искази од случајот поврзан со Палевски-Палчо и сведочењата таму ќе слушнете дека тие се среќавале во штабот на партијата Десна, којшто бил во објектот „Опера хаус“, а објектот „Опера хаус“ е токму овој објект, за кој што денеска Левица тврди дека е подрум или сутерен или мезанин или високо презимје, како сакате да го наречете и каде што е регистриран новиот Павиљон, кафич или како и да го нарекувате, не знам. За другите детали нема да зборувам се надевам дека ќе има и други пратенички прашања, собраниски седници, се надевам дека ќе ме почестат со нивното присуство. Јас сум подготвен на македонската јавност и на подржувачите на Левица да им разоткријам дека не е баш така, како што некој сака да ги прикаже работите, рече Мицкоски.
Тој истакна дека партијата Левица не купила подрум, туку и приземје, со прикажување на фотографии откри дека станува збор за објект, кој има и приземје, кое е три метри над земјата.
-Не ќе да е само подрум, да висок подрум. Сутерен, не ќе да е само подрум е сега до каде оди целата работа, на ова место коешто не ќе да е подрум или висок подрум, над земја три метри е регистриран локал. Локал, односно Друштво за угостителство и услуги, Павиљон 36 ДОЕЛ Скопје. Регистриран е на истата адреса, каде што се наоѓа подрумот или сутеренот, дури си направиле и профили за локалот, прилично слични на една политичка партија, по Фејсбук, по социјалните медиуми ќе ги сретнете овие профили, еве македонската јавноста да види за што станува збор, вели Мицкоски.
Претседателот на Владата од говорницата во македонското Собрание рече и дека кога малку ќе се истражи и ќе се извади тековната состојба партијата Левица има уплатено 5.000 евра во кеш за регистрирањето на Друштво за угостителство и услуги Павиљон 36 ДОЕЛ Скопје, а кое што е регистрирано, како што додаде „случајно или не знам како на истата адреса, каде што е подрумот, односно високиот подрум се јавува како сопственик лицето Зоран Ивановски“.
Тој додава дека лицето Зоран Ивановски се јавува како управител и менаџер на оваа фирма, која што освен што се бави со дејност ресторани има и дејност на интернетски портали, кое е подружница.
-Претпоставувам сега се прашувате кој е лицето, за коешто зборував Зоран Ивановски, само треба да го извадите списокот од Претседателството на Левица и ќе го видите под реден број 32 или пак Управниот одбор на Скопски Водовод, а ако не е тоа доволно ќе ги најдете на интернет овие слики, веднаш позади претседателот на политичката партија Левица. Еве како се трошат парите на членовите на политичката партија Левица, еве ги, рече Мицкоски.
Тој додаде дека ова го зборува, затоа што со дејствувањето на неколкумина и какошто ги нарече скапо платени така наречени Левичари во Парламентот, а сега и могули во кафе баровите се нанесува трајна штета на ткивото на македонскиот идентитет.
-Трајна штетата, затоа што тие удираат директно со поделбата во ткивото на македонскиот идентитет. Затоа мојата порака е до секој еден, којшто утре ќе се размисли дали да заокружи за оваа политичка партија, да размисли затоа што на тој начин, ајде што се богатат на неговиот грб, тоа е веќе до моралниот капацитет, туку тоа што го дели македонскиот идентитет во моменти кога треба да биде обединет и заедно, истакна Мицкоски од говорницата на Собранието на Република Северна Македонија.