Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва на протест пред Владата побара оставка од премиерот Зоран Заев по неговите ставови во интервјуто за бугарската БГНЕС во однос на историјата и за утре најави протести со блокади во неколку градови.
Оставка на Заев, слобода на народот. Со оваа порака, Мицкоски го почна обраќањето во кое побара Заев јавно да се извини за, како што рече, ставовите и навредите врз македонските граѓани и нашите предци и херои. Тоа, нагласи, не е став на Македонија и тој нема право да ги урива наследството и придобивките оставени од нашите предци. -Заев мора да се оди, бараме итна и неотповиклива оставка од Заев, рече Мицкоски.
Има работи, наведе, што се свети и не се предмет на пазарење за секој со нормален ум и разум. Сега е време кога треба да ја кренеме главата и да кажеме доста е, време е Македонците повторно да се борат и изборат за своите правдини, наведе Мицкоски.
Според него, „сите во државава се срамеле од додворувањето на Заев на бугарските политики и тој се откажал од жртвата на Илинденците и од жртвата на партизаните“.
Мицкоски повика на обединување, директно се обрати до членовите и симпатизерите на СДСМ да се спротивстават на ставовите на Заев, а побара да му се придружат и десничарите кои имаат забелешки до ВМРО-ДПМНЕ.
-Ние сме за пријателство со соседите. Ние сме за соработка, но не пријателство на свиткана кичма. Пријателство подразбира да си подадеме рака, да се погледнеме меѓусебно и да си помагаме. Ниту Бугарите имаат фајде од тоа ако не понижат, а особено боли кога како што вчера уште еднаш посведочи цела Македонија кога понижувањето доаѓа од родот свој. Барам Заев под итно јавно да се извини за своите ставови изнесени на бугарски медиум, за навредите врз македонските граѓани и нашите предци и херои, рече Мицкоски.
Ставот на Заев, дополни, не е став на Македонија. Нема право да го урива наследството и придобивките оставени наследени од нашите претходници и предци. Совршено е јасно дека Заев не може да испорача ништо добро за својата држава и мора да си оди. Затоа бараме итна и неотповиклива оставка од Заев. Ги повикувам сите да излезат на улиците, а утре со целосно почитување на мерките препорачани поради корона кризата ќе организираме блокади во слободарско Куманово, Тетово, Кавадарци, Прилеп, Битола и Охрид. И нема назад, порача Мицкоски.
Дел од учесниците на протестот во одделни обраќања побараа веднаш да прекинат преговорите со Бугарија, а членовите на меѓудржавната комисија за историски прашања да поднесат оставки.
-Не сте вие повикан ниту имате знаење да толкувате историски факти. Не сте вие тој што ќе ни кажувате кој бил фашист, а кој не. Историјата одамна го кажала тоа, рече професорката од Институтот за македонски јазик д-р Елка Јачева -Улчар.
Протестот на ВМРО-ДПМНЕ стартуваше од пред Спортскиот центар Борис Трајковски од каде колона со автомобили се упати пред Владата.