Минатиот пат те повикав Заев, одби да излезеш на дуел пред референдумот. Ајде сега пред Нова година, јас и ти, очи во очи, пред целата македонска јавност, го повика Христијан Мицкоски на ТВ дуелот, премиерот Зоран Заев.
– Ајде јас и ти. Но, викни ги најпрво на помош оние наши поранешни браќа и сестри што застанаа рамо до рамо со тебе во битката против ВМРО-ДПМНЕ, да те избрифираат за вмровските работи. Ќе збориме и за тоа, ама ќе збориме и за сето она кое што и го приреди на нацијата, за сите лаги, за сите недостоинствени политики, јас и ти, очи во очи пред македонските граѓани па они нека судат и нека пресудат кој е во право. Немој овој пат да се криеш. Избeри време, место и медиум таму ќе дојдам каде што ти сакаш и каде што ти ќе кажеш, рече Мицкоски.
Во неговиот говор на протестот пред Владата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повтори шесте барања на опозицијата.
– Првото барање веднаш неотповиклива оставка на Оливер Спасовски, поради целиот криминал, поради сите оние неразјаснети убиства, поради сите оние мафијашки пресметки, поради сето она кое што го нарачуваш и оперативно го спроведуваш, поради сите претреси на нашите браќа и сестри во нивните домови рано наутро во 5 часот, поради сите омаловажувања пред нивните деца и трауми кои што ги доживуваат. Зошто? Затоа што му дале поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, и затоа што излегле да протестираат против вас хунто една. Затоа бараме прво неотповиклива оставка од Оливер Спасовски, рече Мицкоски.
Тој побара оставка и од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, поради како што рече, сите понижувања и национални омаловажувања.
– Трето, веднаш повлекување на законот за зголемување на даноците. Не ги опфаќа законот за зголемување на даноците само оние со повисоки примања. Ги опфаќа и земјоделците и економијата и бизнисот, и професорите и сите оние кои што се по договор на дело, затоа што нема веќе да биде 10 проценти туку ќе биде многу повеќе. Затоа доста го лажете својот народот и веднаш да го повлечете законот за зголемени даноци. Тоа е нашето трето барање, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара и чист воздух.
– Вратете ја назад гасификацијата и откажете се од оние мерки кои што секој ден го лажете народот, од оние мерки кои што предвидуваат бележење на возилата, како во апархејдот. Доста е. Не може на тој начин да се однесувате повеќе со сопствените граѓани. Тоа е нашето четврто барање, рече Мицкоски.
Петтото барање на ВМРО-ДПМНЕ е да се формира комисија која што ќе ги анализира, систематизира и преслуша разговорите од прислушувањето на јавните обвинители и судиите.
– Шесто, да се почитува волјата на народот јасно изразена на референдумот на 30 ти септември, рече Мицкоски.