На денешниот митинг во Тетово во рамките на изборната кампања за локалните избори на ВМРО-ДПМНЕ, партискиот лидер Христијан Мицкоски се обрати до Али Ахмети од ДУИ и му порача дека нивните политики ја испразнија Македонија и го намалија бројот на ученици Албанци. Мицкоски рече дека нема да му одговара на Али Ахмети со неговата реторика.
-Иако тој тоа го сака, тој моли да му одговорам на неговото национал романтичарска реторика, јас на народот нема да му кажувам басни, туку реалност. Јас само ќе прочитам факти за неговото 20 годишно владеење. Додека тој говори за приказни, јас говорам за сурова реалноста. За една деценија има 27 илјади помалку ученици во Македонија. Работата на ДУИ значи 200 ученици да има помалку во второто полугодие во школите во Тетово во 2023та година. Во Општина Гостивар – побарани исписници од училиште поради иселување се за 200 ученици во основно и средно образование во 2023та година. Пад на население гледано низ млади ученици кои ја напуштиле државата поради иселување изгледа вака Арачиново -14 отсто, Липково – 40 отсто, Теарце – 37 отсто, Тетово – 18 отсто, Боговиње – 37 отсто, Желино -28 отсто, Врапчиште – 32 отсто, Гостивар – 35 отсто, Кичево – 36 отсто, Струга – 32 отсто. Ова е суровата реалност коешто го донесе Али и неговото учество, повеќе од две децении во Владата, рече Мицкоски.
Тој се осврна и на правдата за која рече дека треба да биде право на секој граѓанин, а не привилегија на малкумина. Според Мицкоски, на Македонија и треба ресет на системот.
-Моментот што го чекале генерации е пред нас, време е за ресет на системот, време е да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо. Судии кои судат според закон, а не според влијание, институции кои штитат, а не коишто молчат. Процедури кои враќаат доверба, а не креираат, не создава сомнеж, рече Мицкоски.
И затоа, како што истакна Мицкоски,„ оваа наша борба не е само за избори – ова е борба за душата на Македонија. За држава што ќе нè спои, а не ќе нè дели. За иднина во која никој нема да биде поважен од другиот, и во која секој ќе има еднаква шанса да успее“.
Пред присутните се обрати и Бранислав Светозаревиќ носител на листата со кандидати за советници за Општина Тетово. Тој рече дека фокусот на идниот состав на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ поддржана од Владата е решавање на најгорливите прашања на општината.
-Еден од најголемите приоритети е квалитетот на живеењето на граѓаните, па покрај патната инфраструктура ќе се фокусираме во многу почиста средина од ова што денес го имаме, преку најразлични решенија за решавање на сообраќајниот хаос, поефикасен и бесплатен јавен превоз, поефикасно решавање на проблемот со градскиот смет, претоварна станица и селекција на отпад, обновување на водоводната мрежа, нов градски парк, рече Светозаревиќ.
Тој потенцираше дека за младите ќе се формира и дигитален центар, и дека со трудољубивост и многу работа општина Тетово ќе стане подобро место за живеење за сите граѓани.
-За младите Младински културен центар, потоа Центар за знаење и практични вештини, Бизнис инкубатор, формирање на дигитален центар, во кои ќе се собираат ученици и студенти кои работат на дигитални решенија. Затоа ви ветувам дека заедно со овие прекрасни луѓе од листата на советници на ВМРО ДПМНЕ ќе дадеме сѐ од себе, свесни на предизвиците и реалните проблеми со кои ќе се соочуваме, дека посветено ќе работиме на нашите планови и заедно со нашите коалициони партнери и поддршката на Владата и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски, ќе успееме нашето Тетово и нашата општина да бидат подостоинствено место за живеење на сите граѓани во нив, дециден е Светозаревиќ.
На митингот во Тетово се обрати и и Дафина Стојаноска член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка во Собранието.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата пред митингот во Тетово одржаа средби со граѓани и митинзи во Маврово – Ростуше и Гостивар.