Мицевски: Владејачкото мнозинство има намера да протне 12 нови закони злоупотребувајќи го европското знаменце

Од:

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски денеска обвини дека владејачкото мнозинство во Собранието има намера, како што рече, да протне 12 нови закони злоупотребувајќи го повторно европското знаменце на законите. Тој побара законите да бидат разгледувани во редовна постапка, во спротивно најавија дека ќе ја блокираат работата на Собранието.

-На тој начин, власта има за цел да си донесе закони без отворена дебата и суштинска дискусија за законите. Власта има за цел да ја оневозможи опозицијата овде во Собранието, да даде издржани и аргументирани забелешки. СДСМ и Заев сакаат сите овие закони да ги протнат без дискусија, шверцерски и недемократски, рече Мицевски.

Според него, меѓу законите кои владејачкото мнозинство планира да ги протне е и Предлог – законот за контрола на опојни дроги односно законот за марихуана.

-Колку за информација, овој предлог-закон, власта предводена од Заев, упорно се обидува да го протне во Собранието со една и единствена цел, а тоа е интересот на фамилијата Заеви, познати во бизнисот со производство и доделување на лиценци за одгледување на марихуана, вели Мицевски.

Уште еден закон кој е со европско знаменце е Законот за парнична постапка, а, како што кажа, проблемот во постапката со овој Закон е тоа што усогласувањето со правото на ЕУ се однесува на само неколку членови од вкупно петстотини. Ова, додаде Мицевски, е класична злоупотреба на европското знаменце и демонстрирање на самоволие од страна на власта.

-Уште еден контроверзен Предлог – закон со кој власта има намера да го манипулира системот на избор на судии и јавни обвинители е Предлог-законот за академија на судии и јавни обвинители. Овој закон, првично пред десетина дена беше поднесен во редовна постапка, па беше повлечен, за сега магично и преку ноќ, истиот да се поднесе со европско знаменце. Очигледно, некому му пречи дискусијата од опозицијата и очигледно на некому многу му се брза при изборот на судии и јавни обвинители, рече коодинаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и опозициската партија, вели тој, апелира до власта и владејачкото мнозинство да престанат да ја уриваат парламентарната демократија и конечно да престанат со шверцерското носење на законите. Тие бараат власта да го почитува Деловникот на Собранието и да ги презакажат матичните комисии каде што сите овие закони ќе бидат разгледани во нормална и редовна постапка, со дебата и дискусија и од пратениците од опозицијата.

-Доколку, СДСМ, Заев и владејачкото мнозинство не го сторат тоа и не се повлечат од оваа налудничава идеја, јавно од оваа говорница им порачуваме дека ќе го блокираме Собранието на Република Македонија и носењето на секаков вид на закони. Нема да дозволиме материјалните, финансиските, тесно-партиските и коалициските интереси да бидат на прво место, пред интересите на сите граѓани на Република Македонија. Нема да дозволиме поради неспособноста и криминалот на власта и Зоран Заев, повторно ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата да бидат виновни. Единствени виновници се токму тие и никој друг, рече Мицевски.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови