Планот на Зоран Заев за смена на најмалку три министри од функциите ги размрда министрите. На само два дена по „метлата“ во раководството во партијата и најавите за чистка по министерствата, тие ги засукаа ракавите и се фатија за работа. Горан Сугарески за транспорт и врски се јави прв со најави дека до крајот на неделата ќе сече лента за употреба на автопатот Миладиновци -Штип.
„Не би сакал да шпекулирам кој ден ќе биде пуштен во сообраќај, но до четврток, петок, ќе биде пуштен“, изјави Сугарески. Тој пред состанокот на ЦО на СДСМ не сакаше да коментира за „метлата“, но неизвесно е дека ќе ја сочува фотелјата по најавите дека на неговиот стол Заев сака да го смести Зоран Китанов од ЈП за државни патишта, кој пак на ова место дојде од директорска позиција на „Струмица Гас.“
И министерската Царовска е активна на терен. И таа, по повикот на „шефот“ го активираше својот ПР и покажа дека не седи со скрстени раце. Таа денеска пресече лента на новоизграден центар за Даунов синдром, за кој во најавата на МТСП информираа дека бил готов пред една година, ама поради судски спор кој конечно се решил, одлучиле токму денеска да го отворат. Царовска се пофали дека ова инвестиција на МТСП изнесува околку 6 милиони и 500 илјади денари.
„Со социјалната реформа ги унапредуваме правата на лицата со попреченост. Освен што зголемивме дел од надоместоците работиме и на развој на услуги на локално ниво како што се дневните центри и персоналните асистенти, рече таа.
Министерот за здравство Филипче денеска беше во Чаир и се сликаше со новата опрема на клиниката за гинекологија , обезбедена преку проект од германска донација.
„Од опрема се донираа кревети, специјална форма на вентилатори за интензивна помош кај бебето за да се одржи добриот капацитет на дишење по раѓањето. Донирани се и специјални ламби за осветлување доколку бебето има жолтица, рече тој.
Дали ќе се спаси од „метлата“ по серијата скандали со вакцините, сомнителните тендери и одливот на лекарите од клиниката, останува да видиме, бидејќи важи за човек близок до Заев, особено откако изглегоа информации во јавноста дека секој викенд се дружел со Премиерот.
Останува и дилемата дали со ваквите промоции ќе успее да ја подобри сликата за неговите неуспеси во јавноста , особено по искажаното незадоволство од граѓаните. И според анкетата на „Макфакс“, Филипче се најде во првите тројца на листата кои треба бидат „сметени“ од Заев.
Се „растрча“ и премиерот Заев кој во придружба на Анѓушев замина за Словенија во лов на нови инвеститори. Тој од таму се огласи со најава дека со Словенците договорил отворање на фабрика за акумулатори во Пробиштип.
„Словенечката компанија „Таб мак“ ќе инвестира 25 милиони евра и ќе отвори нови 70 до 90 работни места во фабриката за акумулатори во Пробиштип, информираше Заев по одржаните средби со словенечки инвеститори.
Таткото на градот Шилегов пак денот го искористи да најави изградба на нов забавен парк. Пред да стане градоначалник го стопираше проектот за изградба на луна паркот започнат од Коце Трајновски од причина што бил во бароктен стил. На само 2 дена по неговата смена од потпретседател на СДСМ излезе на терен и кажа дека со неговиот парк што ќе го гради ќе привлекува странски туристи.
„Во Скопје за прв пат ќе се гради тематски забавен парк. Ваков парк нема во радиус од неколку стотици километри во нашето опкружување. Тоа автоматски нашиот град ќе го стави на туристичката мапа на регионот“, изјави Шилегов.
Шилегов и вчера беше активен, излезе на терен и пушти багери кои започнаа со реконструкција на улицата „Димитрие Чуповски“ и најави проширување на мостот „Гоце Делчев“.
Инаку, градскиот татко, за нереализирани инфраструктурни проекти пред медиумите се правдаше дека имал проблем со наследени административни пречки од неговите претходници. И пред почетокот на ЦО, каде што Шилегов беше разрешен од партиска функција, не кажа дали чувствува одговорност за неговите неуспеси, но порача дека тие се демократска партија која го победила „простаклукот“ и фашизмот на ВМРО-ДПМНЕ кој го промовирале 15 години.
Растрчувањето на градоначалникот следи откако новиот генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, најави дека одговорност ќе се бара и од актуелни градоначалници, локални функционери и директори.
Габриела Димковиќ-Мишевска