Германската канцеларка Ангела Меркел на Конференцијата во Берлин, наведе дека сака процесот на проширување на ЕУ со Западен Балкан да тече брзо, но дека тоа зависи од самите земји.
Таа на прес конференцијата истакна дека важен сигнал е тоа што сите земји на регионот имаат европска перспектива.
Германската канцеларка објасни дека конференцијата за Западен Балкан настана од размислувањето на германската влада како на пригоден начин да се одбележи стогодишнината од почетокот на Првата светска војна но и почетокот на Втората светска војна и крајот на Студената војна.
-Фактот дека сите осум премиери, министри за надворешни работи и за економија седат заедно на една маса е доказ дека последниве години има голем напредок во регионот, а ЕК и членките на ЕУ сакаат и натаму да помагаат, рече Меркел.
Таа истакна дека има намера да се почне со „конференции“ и дека овој состанок не е дневен настан, иако и тој е голема порака.
-Сакаме да покренеме еден процес, рече Меркел додавајќи дека се договорени неколку конференции во следните четири години.
Таа објасни дека Белград и Приштина имаат голем напредок, но и дека Босна и Херцеговина има полни раце работа по изборите и дека се надева дека ќе има напредок.
Претседателот на Евроската комисија Хозе Мануел Баросо порача дека има желба сите земји од Балканот да ги види во ЕУ.
-Следниот круг на проширување нема да се случи веднаш, а кога ќе дојде до тоа зависи од брзината со која секоја држава ги спроведува реформите, рече тој.
Според него, напредокот кој го оствариле земјите од регионот, а посебно Србија, Албанија и Косово се вистински и опипливи, а примерот на Хрватска докажува дека членството во ЕУ е остварлива цел.
Баросо вети дека земјите од регионот можат да рачунаат на целосна поддршка од ЕУ во процесот на придружување, но и дека воспоставувањето на владеење на правото, регионалната соработка и доброто управување со јавните финансии се од суштинско значење.
Тој се осврна и на многубројните инфраструктурни проблеми во регионот, посебно во енергетиката, потенцирајќи дека тие треба да се надминат со строго почитување на европските стандарди.
-Постојат премногу изгубени алки кога станува збор за енергетската, патната и железничката инфраструктура, рече тој.