Мемети: МРТ незаконски наплаќа радиодифузна такса и не им ги враќа парите на граѓаните

Од:

Македонската радио телевизија незаконски им наплаќа радиодифузна такса на голем број граѓани што немаат обврска да ја плаќаат, а присилно одземените пари потоа одбива да им ги врати, вели народниот правобранител, Иџет Мемети.

Тој денеска ги обвини МРТ и УЈП за незаконско работење во случаи каде радиодифузна такса мора да плаќаат иселеници, приматели на социјална помош, хендикепирани и бездомни лица. Кога, пак, ќе се утврди дека немало основ за присилно наплаќање, МРТ одбива да им ги врати одземените пари на граѓаните, вели Мемети.

-Граѓаните на нелегален начин се задолжуваат со радиодифузна такса, тоа ни МРТ не го негира, затоа одземените пари мора да им се вратат. МРТ не смее во ниеден случај да им ги зема парите на граѓаните, тие пари не се нивни и теба да ги враќаат, не се граѓаните должни да ја кредитираат МРТ – изјави денеска народниот правобранител.

Радиодифузната такса мораат да ја плаќаат лица кои се веќе 20 години иселени од Македонија, граѓаните што одамна ги продале своите станови на истата адреса, корисници на социјална парична помош или лица со оштетен вид и слух. Се тоа поради лошото водење на Регистарот на обврзници кој несоодветно и ненавремено се ажурира. Во Регистарот, вели Мемети, се опфатени и лица кои со години се сместени во прифатни центри за бездомни лица или се иселени од Македонија.

Иако се случува од Регистарот да бидат избришани неосновано евидентираните, сепак не се врши отпис на противзаконски евидентираниот долг. Па така МРТ одбива да им ги врати на граѓаните парите што одземени преку присилна наплата за радиодифузна такса. Мемети добил одговор од Управата за јавни приходи дека ќе им ги врати противзаконски одземените пари на граѓаните, доколку МРТ донесе акт за отпис на долгови. Тој денеска го искритикува раководството на МРТ кое со години го одложува донесувањето на овој акт.

-Граѓаните во никој случај не се должни на незаконски начин да го финансираат работењето на Македонската радио телевизија. Наместо да изврши отпис, да се корегира и да им ги врати незаконски земените пари, од неодамна МРТ ги упатува граѓаните за овие решенија да поднесуваат поединечни жалби, преку УЈП до Министерството за финансии, иако рокот за тоа е изминат. Граѓаните во тој случај со месеци чекаат жалбата да им биде решена, само за да дознаат дека истата им е отфрлена како ненавремена. Уште денес го повикувам раководството на МРТ да ја донесе потребната одлука за отпис на несоновано евидентираните долгови бидејќи не смее да ги прекршува правата на граѓаните и бесправно да располага со нивните пари заработени од плати и пензии – порача омбудсманот.

Како што информираше тој, во некои случаи каде граѓаните бараат отпис на долговите се условуваат со документи за да се отежни нивното барање. Во други случаи, пак, МРТ бара од граѓаните да потпишат согласност да се откажат од нивните пари и да им ги пресметаат во наредната сметка за радиодифузна такса.

Работите рапидно се влошиле од 2013 година кога до народниот правобранител биле поднесени сто поплаки поради лошиот начин на формирање регистар на должници. Во 2014 година бројот на граѓани кои бараат заштита на нивните права се зголемил за четири пати. Во 2015 година, пак, бројот се зголемил за 100 отсто во споредба со 2014 година

Мемти бара УЈП, Град Скопје и општините при присилната наплата да ги почитуваат ограничувањата на извршувањето, односно од граѓаните да не се зема поголема сума од една третина од платата и пензијата. Дополнително тој бара извршувањето да не може да се спроведува врз примања по основ на социјална заштита, ивалиднини, еднократна парична помош и детски додаток. При тоа, вели Мемети, мора да се почитува достоинството на должниците и нивните семејства и извршувањето да биде поповолно за нив.

Овие препораки Мемети ги навел во иницијативата за изменување на Законот за даночна постапка и Законот за даноците на имот, која пред една година ја предложил до Владата. Иницијативата е се уште во фиоката на Министерството за финансии.

-Владата ја доставила до Министерството, но тоа се уште молчи и не го информира повратно Народниот правобранител, што претставува уште еден пример за попречување на неговата работа и оневозможување на заштита на правата на граѓаните – вели Мемети.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Повреда на избирачко право, утре ќе може да се пријавува на бесплатната телефонска линија 0800 54321

МТВ: Македонската телевизија ги отфрла информациите од кабинетот на Пендаровски дека Гордана Силјановска-Давкова сама си договорила дуел

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на избирачко право

Народен правобранител: Пријавете повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321

(ВИДЕО) Каевски: Голем скандал, лажните анкети на МТВ се нарачани во штабот на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Стоилковски: Очајни дезинформации својствени за СДС, следат тужби за клевета и за фалсификат