Универзитетски професори од Македонија, но и од соседните земји, како и земјоделци и агрокомпании во наредните два дена на штипскиот Земјоделски факултет ќе бидат дел од првата Меѓународна научна конференција „Агронаука и пракса“. Деканот на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип, Љупчо Михајлов вели дека поврзувањето на науката и праксата во земјоделскиот сектор е со цел да се добие поекономично, конкурентно и продуктивно земјоделско производство.
– Ретки се можностите, кога на едно место можат да се сретнат претставници од науката, праксата, од државните институции. Затоа и избравме и атрактивни теми, како што се „Процентот на искористеност на ИПАРД средствата“. Знаете дека Македонија, како предпристапен кандидат за влез во ЕУ од 2007 година има право да ги користи, тие средства. Но, за жал од многу објективни и субјективни причини, тие средства и нивно искористување во проценти е многу мал. Па, затоа и денешната панел дискусија ќе биде во утврдување на слабите точки, а со цел нивно отстранување, вели Михајлов.
Тој истакна дека примената на новите технологии може исто така да донесе и бенефит во земјоделството, како што се користењето на дроновите, потоа ЏИ ПИ ЕС, мониторинг и други современи методи. Агробизнисмените во земјава и првпат оваа година побараа законски да им се дозволи да користат дронови и други современи летала за третирање на земјоделските површини со заштитни средства. На свеченото отварање на дводневната Меѓународна научна конференција „Агронаука и пракса“ присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. Агрокомпании, винарии и производители на земјоделска механизација имаа и штандови, на кои ги презентираа своите производи.