На иницијатива на Обединетите нации денеска се одбележува Меѓународниот ден на девојчето, чија цел е да укаже на важноста на правата на девојчињата, но и да се нагласат предизвиците и можните решенија за остварување на тие права.
УНИЦЕФ и неговите партнери, како што е наведено во изјавата на претставникот Бертрат Демулен, по повод овој ден, се свесни дека девојчињата имаат потенцијал да остварат вистински промени, но сепак во светот 31 милион девојчиња на возраст за основно образование се уште не одат на училиште.
Во Македонија девојчињата се подеднакво застапени во основното образование, како и момчињата. Најновите податоци покажуваат дека 98 отсто од момчињата и девојчињата посетуваат основно образование.
– Во средно образование, во некои заедници поголема е веројатноста девојчињата да не одат на училиште во споредба со момчињата, или во споредба со други девојчиња од различни заедници. На пример, девојчињата од руралните места (76 проценти) се помалку застапени во средното образование во споредба со девојчињата од градските средини (93 проценти). Само 35 проценти од девојчињата-Ромки и 70 проценти од девојчињата-Албанки посетуваат средно училиште, додека 96 проценти од девојчињата-Македонки посетуваат средно училиште. Бројките покажуваат дека девојчињата-Македонки се дури позастапени во средното образование во споредба со мочињата-Македонци (90 проценти), стои во изјавата на Демулен.
Според него, поради вкоренетите родови стереотипи во земјава, и понатаму на некои девојчиња не им е овозможено целосно да го завршат своето образование, како што и понатаму има жени кои наидуваат на пречки кога сакаат да земат учество на пазарот на трудот и во политичкиот живот.
– Образованието на девојчињата е најсилната можна развојна инвестиција. Тоа ја намалува сиромаштијата, неправичноста и дискриминацијата. Децата родени од образовани мајки се поздрави и имаат подобри изгледи за преживување. Кога на девојчињата ќе им се обезбеди образованието кое го заслужуваат, тие можат да придонесат кон благосостојбата во нивните заедници на чудесни начини, се вели во изјвата.
УНИЦЕФ апелира сите да размислат како да придонесат и со какви технолошки решенија може да се надминат родовите бариери кои ги попречуваат девојчињата да учат и постигнуваат. Од разни делови на светот има примери за ова како што се подобрување на превозот за да можат девојчињата да дојдат до училиштето, менторски програми во претпријатијата кои им помагаат на девојчињата да стекнат важни работни и лидерски вештини и да го олеснат нивниот премин од училиште на работно место, како и користење на мобилна технологија за подучување и учење со цел да се допре до девојчињата, особено во пооддалечените места.