Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити вели дека сегашните функционерски позиции во Владата на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари кој синоќа најави дека ќе поднесе оставка од министерската позиција остануваат во коалицијата „Вреди“. Најави дека ќе направат анализа и оти ќе понудат најдобри и најподготвени кандидати за позициите што ќе се испразнат поради излегувањето на АА на Таравари од Владата.
– Прво треба да ја констатираме оставката, тоа што е битно е што сите позиции на Алијанса за Албанците ќе останат во рамки на Влен, ќе направиме анализа, ќе ги дадеме најдобрите и најподготвените за тие позиции, рече Меџити одговарајќи на новинарско прашање.
Според Меџити, со тоа што Таравари најавил оставка за себе но не и за другите функционери од АА се покажало дека одуката за излегување од Владата не кореспондира со членството и структурата на партијата и оти има видливи поделби.
– Тоа што самиот најавува оставка но не и за другите функционери покажува и докажува дека има донесено одлука која не кореспондира со членството и структурите на партијата, има видливи поделби, ги гледаме, секојдневно има различно размислување, непочитуивање на одлуката на претседателот, несватлива им е, затоа веќе е видлива поделбата на АА, рече Меџити.
Не одговори дали вицепремиерот за добро владење Арбен Фетаи кој е од АА на Таравари ќе ја напушти функцијата и упати на одговор од него. Реече дека дополнително ќе известат дали Фетаи ќе биде разрешен ако сам не си даде оставка. – Ќе ве известиме деновиве, разговараме, преговараме, рече Меџити.
Прашан дали разговараат со пратници од крилото на Таравари, тој истакна дека е видливо големо незадоволство во партијата.
– Не е во тоа дали разговараме, видливо е големо незадоволство кај членството на АА, членови на претседателство, на видни позиции, ограноци, форум на жени, повеќе тела во партијата што уште еднаш потврдува дека ова е лична одлука од лични побуди и не кореспондира со волјата на членството посебно на АА која од формирање е антипод на ДУИ, рече Меџити.
Според Меџити, Таравари во ниту еден момент не посочил за проблеми со етнички прашања.
– За етнички прашања овие месеци во првата линија бев јас потпомогнат од Арбен Фетаи, за Законот за правична застапеност, за Законот за јазиците и другите етнички прашања и точно е дека господинот Таравари во ниту еден момент не посочил никаков проблем, рече Меџити, кој присуствуваше на почеток на реконструкција на водоводниот и канализациски систем во населбата Дижонска во Општина Чаир.
Претседателот на Собранието Африм Гаши претходно изјави дека се уште не е пристигната оставката на министерот Таравари, кој синоќа во изјава за МИА рече дека тој ќе поднесе оставка од функцијата, а за останатите функционери од оваа партија очекува да бидат разрешени.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, вчера, одговарајќи на новинарски прашања рече дека во периодот што следи ќе бидат номинирани нови имиња на местото на оние што и припаѓаа на Алијанса за Албанците.