Медиумско огледало: Продолжува хајката на провладините медиуми против граѓанските активисти и организации

Од:

Критичките медиуми редовно и во континуитет објавуваат информации за активностите на граѓанските организации во државата. Информациите за граѓанските активности се однесуваат на различни теми и проблеми, и најчесто се објавуваат како вести, изјави, извештаи и интервјуа.

Наспроти нив, провладините медиуми главно ги игнорираат граѓанските активности, а кога информираат за нив, се поставуваат селективно кон фактите и неретко манипулираат со информациите во правец на заштита на интересите на власта. И МРТ која има законска обврска во својата програма да ги опфати сите општествени групи, континуирано потфрла во својата улога на јавен сервис и во централните вести речиси и не одвојува простор за граѓанските иницијативи.

Ова е дел од резултатите на „Медиумско огледало“ на НВО Инфоцентарот кој ги анализира нмедиумите во периодот од 1 јануари до 31 јули 2014 година, редовно го мониторираше медиумското покривање на активностите на граѓанскиот сектор во Македонија.

„Она што е највидливо од анализата на информирањето на провладините медиуми за граѓанскиот сектор е континуираната медиумска хајка против Фондацијата отворено општество Македонија и нејзиниот директор, против критичките медиуми и новинари, и секако, против граѓанските организации и активисти кои имаат критички однос кон политиките на власта. Тие се мета на напади, јавни дисквалификации и етикетирање. Во прилозите и написите, синхронизирано и во континуитет се тврди дека средствата што граѓанските организации и критичките медиуми ги добиваат преку грантови и донации, главно од ФООМ, претставуваат „директно политичко опозициско дејствување, корумпирање на медиумите и убивање на новинарството“. Едновремено, овие медиуми, не само што ги ставаат под прашање веродостојноста и демократските капацитети на критичките медиуми и на граѓанските организации, туку изнесуваат и обвинувања дека тие „работат на штета на државните интереси“.

Провладините медиуми всушност се однесуваат како гласноговорници и продолжена рака на власта и владејачките партии, кои не дозволуваат отворена граѓанска дебата и јавно актуализирање на проблематичните аспекти од работата на институциите и на власта.

Содржински и структурно, голем дел од прилозите во провладините медиуми адресирани до граѓанскиот сектор кој критички ги опсервира институциите и власта очигледно се совпаѓаат или се инспирирани од соопштенијата на владејачката партија и од изјавите на нејзините партиски и државни функционери. На овој начин, медиумските напади врз граѓанскиот сектор добиваат висок степен на политичка поддршка од власта, предизвикуваат крајна поделеност и конфликтност во општеството, и со тоа длабински го изместуваат целиот процес, кој наместо да води кон отворен дијалог и дебата, се претвора во жестока политичка пресметка со неистомислениците на власта.

Оркестрираното дисквалификување на граѓанските организации, меѓу другото, резултира и со целосен молк на институциите и комплетно игнорирање на забелешките, критиките и предлозите на граѓанските активисти за подобрување на состојбите во различни општествени области.

Анализата на објавените материјали во медиумите на албански јазик покажува дека политизирањето на активностите на граѓанскиот сектор е значително послабо отколку во медиумите на македонски јазик, а дека интересот за неговите активности е мал и спорадичен. На ваков начин граѓаните остануваат многу слабо информирани за активностите, проектите и иницијативите на граѓанскиот сектор“, се вели во соопштението на Инфо центарот

Овој мониторинг опфати седумнаесет медиуми: централните вести на телевизиите Телма, 24 Вести, МРТ1, Сител и Канал 5; дневните весници – Слободен печат, Утрински весник, Нова Македонија, Дневник, Вечер и Вест; неделникот Фокус, како и информативните портали – Плусинфо, А1он, Курир, Република, НоваТВ. Во периодот април – јули беа дополнително вклучени и шест медиуми на албански јазик: централните вести на МРТ2 и АлсатМ; порталите – Порталб и Алмакос, како и весниците – Коха и Лајм.

Интегралниот текст на анализата може да се прочита на интернет страницата на НВО Инфоцентарот.

Би можело да ве интересира

Поразот на Украина може да доведе до колапс на земјата и граѓанска војна

Повикувал на насилство и омраза кон припадниците на ЛГБТ заедницата, скопајнец доби условна казна

Филков: Без слободата на медиумите нема вистина, правда и одговорност

АВМУ: Вештачката интелигенција е голем предизвик за професионалните и независни медиуми

Владата апелира медиумите кои емитувале видео и фото материјали од погребот на жртвите да ги повлечат

Трамп ги затвора радиодифузерите „Гласот на Америка“ и „Радио Слободна Европа“?

A1on