Не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик од страна на радиодифузерите во тек на известувањето во првиот круг од кампањата за Локалните избори 2021, покажува Извештајот за медиумското известување за периодот од 27 септември до 15 октомрви, што го објави денеска Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Според медиумскиот регулатор, сите комерцијални сервиси на национално ниво вложиле напори да обезбедат медиумско покривање на изборната кампања и речиси сите, освен што информирале во дневно-информативните емисии, за учесниците во изборите резервирале и повеќе посебни информативни програми.
– Кампањата не беше покриена во согласност со принципите на еднаквост за кандидатите за градоначалници и пропорционалност за кандидатите за општински советници. Редакциите ја следеа изборната кампања прагматично, претежно според очекувањата од општото политичко искуство за досегашните изборни процеси, давајќи им приоритет на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ и на нивните коалициски партнери, а не според појдовните принципи од наведените законски барања. Но, за таквата констатација има низа објективни причини, во случајов тргнувајќи од основната – огромниот број потврдени кандидати за градот Скопје, за скопските општини поединечно, но и за сите други општини во државата, посочува во соопштение ААВМУ.
Јавниот радиодифузен сервис, како што информираат, ги почитуваше законските барања за структурата на дневноинформативните емисии, за емитување дебати и бесплатно политичко претставување. Собранискиот канал емитуваше бесплатно политичко претставување на повеќе учесници во изборите, распоредувајќи го времето според законската одредба.
Информирање за лицата со сетилна попреченост единствено обезбедиле МРТ 1 и ТВ 24 Вести.
Со миниторингот беа опфатени 13 програмски сервиси – националните комерцијални телевизии Алсат-М, Алфа, Канал 5, Сител, Телма, 24 Вести, 21-М, Шења и Клан Македонија и програмските канали на Јавниот сервис – МРТ1, МРТ2, Собранискиот канал и Првата програма на Македонското радио.
Паралелно со овој мониторинг, Агенцијата вршеше мониторинг и за емитуваното платено политичко рекламирање на 41 телевизија и 48 радија кои во предвидените законски рокови се регистрираа во Државната изборна комисија, чиј извештај ќе биде објавен во рокот предвиден во Изборниот законик.
Извештајот за начинот на известување на радиодифузерите во текот на изборната кампања од 27 септември до 15 октомври 2021 е достапен нае достапен на линкот.