МБСК: Патната инфраструктура неопходна за подобрување на економската соработка со Бугарија

Од:

Наш приоритет е да се продлабочат добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија и затоа ги повикуваме владите на двете земји час поскоро да го потпишат Договорот за пријателство како храбар чекор на меѓусебна толеранција и уважување, порача претседателот на Македонско – бугарската стопанска комора (МБСК) Зоре Темелковски на редовното Годишно собрание на МБСК.

На собранието беше усвоен нов годишен акциски план со поддршка за приоритетните активности и проектите за заеднички инфрастуктурни поврзувања преку вклучување на заеднички компании во нивната изградба.

– Потпишувањето на договорот кај граѓаните, потрошувачите и бизнисмените ќе донесе перцепција за поголема сигурност и одлучност. Во овој момент имаме застој и недоверба меѓу бизнис заедницата и регионот во кој треба да инвестира, рече Темелковски.

Тој посочи дека и актуелната политичка ситуација во Македонија придонесува за мало поместување на потрошувачката и мал застој во донесувањето на одлуките.

– Ние ги обединуваме малите и средните претпријатија кај кои е повеќе присутно претприемништвото и за разлика од менаџерите кај големите, претприемачите прифаќаат и поголем ризик така што многу не ги осеќаме последиците при донесување некакви конечни одлуки. Веројатно влијанието е поголемо кај големите олигархиски кругови каде има застој на протокот на капитал, а тоа го чувствува и обичниот потрошувач и претприемач, рече Темелковски.

Како проблем за поголема соработка меѓу Македонија и Бугарија ја посочи лошата патна инфраструктура и нагласи дека за нејзино подобрување е неопходна поголема храброст.

– Ние сме една лоби група заедно со вицепремиерите на двете земји за одобрување на кредитот за изградба на експресен пат. Во меѓувреме Европа се одлучи да одвои две милијарди евра за автопатско поврзување на Балканот што ние го поддржуваме во целост. Лошото патно поврзување го запира и бизнисот зашто треба 200 километри да ги патуваме за четири или пет часа. Се надевам дека во наредните три до пет години овој проблем ќе биде надминат, рече Темелковски.

Министерот за економија Беким Незири порача дека со неговото присуство на Годишното собрание на МБСК Владата и Министерството за економија ја покажуваат поддршката што ја даваат на оваа и на сите други стопански комори во Македонија.

– Ќе ги поддржиме сите идеи и проекти што ќе произлезат од МБСК согласно нашите можности. Поврзаноста на двете соседни земји се огледува со политичките цели за добрососедство, континуираното зголемување на обемот на економска соработка, меѓуграничните проекти и поддршката во стратешките проекти за инфраструктурно поврзување, како што е поврзувањето со автопат и железничка пруга, истакна министерот Незири, додавајќи дека вкупната трговска размена меѓу двете земји за минатата година изнесува 710 милиони долари што претставува раст од 2,7 отсто во споредба со 2013 година со што Бугарија е 9. трговски партнер во надворешно-трговската размена.

Нашите економски односи со Бугарија, нагласи, се добри, но како први соседи не треба да бидеме задоволни со ваквата трговска размена.

– Визјиа и идеја е трговската соработка да се прошири во повеќе сегменти, а за тоа е неопходно да се подобри патната инфраструктура. Македонија, но и Бугарија прават напори да се изнајдат средства за да се изгради нов автопат со што позитивно би придонеле врз трговската размена. Како држава активно партиципираме во делот на регионалните проекти за Балканот, рече Незири, посочувајќи дека проектите кои се приоритет на нашата држава ќе бидат доставени пред состанокот во Виена.

Бугарскиот амбасадор во Македонија Иван Петков потенцира дека за нив Македонија е најблиска и најпријателска земја заради што, како што рече, и даваат целосна поддршка за да ги исполни сите критериуми за членство во НАТО и Европската унија.

– Амбасадата ја поддржува дејноста на Македонско-бугарската стопанска комора, а тоа ќе го правиме и во иднина. Се надевам дека во скоро време ќе биде потпишан и Договорот за пријателство што ќе придонесе за продлабочување на економските и политичките односи меѓудвете земји, рече Петков.

Претседателот на Стопанска комора на Македонија Бранко Азески потенцираше дека веќе почнаа да се интензивираат активностите меѓу двете држави за регионално поврзување, но и дека мора да се вложат повеќе средства за уште подобро поврзување, бидејќи тоа претставува основа за поголема економска соработка.

– Иницијатавата што лани ја покрена германската канцеларка Ангела Меркел дава конкретни резултати. Секогаш сме заинтересирани за подобрување на инфрастурктурата, а особено со Бугарија со која конекциите ни се очајно слаби. Мора да се вложат средства за подобро поврзување, бидејќи основ за подобрување на економската соработка е токму тоа, рече Азески.

Истакна дека реалните бизниси треба да ги кажат инфраструктурните приоритети за да донесат нови бизниси и нови вработувања и додаде дека конечно тоа е сфатено.

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи во своето излагање истакна дека земјава не ја гледа како одвоена од регионалните збиднувања.

– Нашата улога, како комора, продолжува со давање конструктивни идеи и проекти, со насочување на нашата енергија кон нивна реализација и давање поддршка на евроинтеграциските процеси, рече Кучи.

Би можело да ве интересира

Корчок: Се надевам дека преговарачката рамка ќе биде усвоена за време на португалското претседателство

Димитров и Османи во Брисел на средби со Борел и Лајчак

Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со Северна Македонија

Вицепремиерот Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ

СДСМ: Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го признае пописот е доказ за антидржавно и деструктивно однесување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Пендаровски: Не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции, мора да сме системски подготвени за следната криза