„Гнев и солзи за попатнина, од родната земја кон белиот свет“
Моника Талеска
Партизираниoт јавен ресор, економската стагнација, отсуството на реални реформи во образовниот процес.., се само дел од причините за масовното иселување на младите од Македонија. Партиската книшка како сигурна виза за вработување, како и ниските плати од 200 до 300 евра, за илјадници од нив се навредливи и демотивирачки, па во оваа неперспективна општествена реалност, која што перманентно се влошува, младите се одлучуваат што поскоро да заминат во странство. Ги избираат сите начини коишто ќе им го олеснат патот. Тагата и болката што ги напуштаат најблиските, ги пакуваат со другите предмети во иселеничките куфери, заменувајќи ги со визијата за нов свет во којшто професионалниот и човечки дигнитет, општествените вредности, финансиската стабилност и валоризацијата на трудот и посветеност во работата ќе бидат идеална замена за македонското сонце, вкусна храна и социјален живот.
Иако официјално не се води статистика за одливот на младата популација во земјава, потврда дека процесот што започна пред повеќе од 6 години е незапирлив, доаѓа од секаде. Почнувајќи од соседите, работната средина, па до спроведените анкети на граѓанските асоцијации, компаниите кои посредуваат при обезбедување работа во странство… сите се едногласни дека младите од Македонија иднината ја гледаат надвор од овие граници.
Андријана Дукоска (28) е единствен дипломиран професор по виолончело во Прилеп, но 6 години не може да се вработи. Останале безуспешни нејзините обиди да иницира отворање нова класа, во основното музичко училиште во градот.
„Надлежните во училиштето секоја година ме информираат дека нивните барања за отворање и финансирање класа за виолончело, доставени до министерствата се одбиени, со образложение дека не е време за тоа. Ова значи дека за мене, нема работно место во градов. Се чувствувам многу нереализирано, резигнирано, зашто уметниците говорат низ својата професија, низ своите дела, а јас практично останувам нема и духовно и професионално“, вели Дукоска.
Таа е приврзана многу за домот и семејството. Но, доколку не се случат конструктивни промени што ќе донесат нов амбиент за младите во градот и во Македонија, ќе замине во странство. Таму би работела и како уличен музичар додека ја „дофати“ можноста за целосен успех.
Благојче Петрески (31) пак, веќе петта година живее во Словачка. Заминал, но не по свој избор. Бил принуден, зашто целосно се сменила климата и амбиентот за работа, па веќе не можел да го држи трендот на критички новинар. Од друга страна, семејството во Прилеп и дотогаш живеело само со платата од мајка му, а им се родило и првото внуче.
„Срцето ме болеше од помислата дека ги оставам семејството, другарите кои ги имав во огромен број, колегите со кои бевме како семејство. Но, за да се смени нешто во Македонија, прво треба да се смени оваа ненародна влада на „ДПМНЕ“, која што ги уништи основните постулати на демократијата и соживотот. Како ќе биде натаму, останува да видиме. Како млад човек во моментов, упатувам неизмерна поддршка на борците од Шарената револуција, за да се ослободи нашата татковина од стегите на луѓето, кои се дел од таа т.н. сендвич идеологија и кои го бранат криминалниот режим што една деценија царува во Македонија. Ако после оваа власт, се создадат услови за економски напредок на државата и можност за нови работни места, сигурно дека ќе се вратам дома“, категоричен е Петрески.
Животната приказна на овој млад човек не е многу различна со оние на огромен број млади луѓе, кои масовно, со години заминуваат и бараат подобри услови за живот во странство. Оние кои имаа среќа да се школуваат во другите европски или прекуокеански земји ги вложуваат сите напори да останат таму. Вадат бугарски пасоши и си заминуваат од својот град и држава.
„Извадивме бугарски пасош со сопругот. Имав можност, студирав во Бугарија и беше многу поедноставно да се дојде до пасош. А, потоа без проблем ја напуштивме Македонија. Четврта година живееме во САД, првин се чувствував како предавник, зашто имам бугарски пасош, но потоа се ослободив од тој товар. Ние не заминавме од Македонија затоа што не ја сакаме државата, туку затоа што, оваа влада со години не ни нуди никакви услови за работа и живот. А, не сакам да ја живеам приказната на моите родители, кои имаат пари во првите 5-6 дена, откако ќе земат плата, а потоа се запишуваат во дуќаните за храна до следниот прилив. Не прифаќам таква реалност, не сум родена да бидам питач, верувам во своите капацитети“, вели 30-годишна прилепчанка, која сепак, инсистира на анонимност.
Родителите соочени со немоќта, тагуваат по своите деца
Заминувањето на младите остава длабоки траги во семејствата. Голема е тагата на родителите кои се чувствуваат немоќни да им помогнат на своите најмили. Интернет комуникациите велат ни малку не им го олеснуваат недостигот, зашто голем дел од нив веќе формирале семејства и немаат намера да се вратат во Македонија.
„Син ми во отсуство на избор замина на работа во Авганистан. Зема пристојна плата, но животот му е во ризик секој момент. Како можам јас овде да бидам среќна и задоволна, кога ниту дење, ниту ноќе немам мир, ниту во делник, ниту во празник не можам да се израдувам!. А како да му помогнам, со кои пари, кога едвај преживуваме со пензијата од сопругот?“.
„Двете деца ми се на работа во Црна Гора. Јас се разболев, а тие не беа покрај мене, татко им почина, дојдоа само за погребот… Кажете ми живот ли е ова? Кој е тој родител што не сака неговото дете да живее во истиот град, во близина, да може често да го гледа, да му се радува и да биде среќен.“
„Ќерка ми и зет ми, секоја година во март заминуваат на работа во Грција и остануваат таму со месеци, сè додека не фати зима, додека не заминат последните туристи. Работат сè, продаваат слики, бижутерија што сами ја прават, препродаваат и така со години, како питачи, а имаат веќе деца, но немаат дом. Ете така живеат младите во оваа наша Македонија“.
„Син ми работи на брод и одлично заработува, не му е лесно, но барем го виде светот и заработи, има осигурување, плата редовна, храна во изобилство, облека каква сака да си купи. Откако ќе измине договорот, ќе си дојде дома на кратко, ќе се видиме и потоа пак назад. Жал ми е, ама барем не страда како нас“.
Овие се само дел од изјавите на родители, чии деца заминале на работа во странство, во потрага по подобар живот. Сите избраа да останат анонимни, за да го зачуваат дигнитетот на нивните деца, како што велат, кои биле принудени да си обезбедат сигурна `виза` во светот, со бугарски пасоши.
Граѓанските здруженија ја детектираа состојбата на теренот пред две години.
Масовното иселување на младите е повеќегодишен проблем. Граѓанската асоцијација ПАКТИС од Прилеп, во рамки на проектот „Младински Фронт“ уште во септември 2014-та година, спроведе електронска анкета со фокус на состојбите со невработеноста и иселувањето на младите од општината. Анкетата е спроведена на репрезентативен примерок од 318 млади на возраст до 30 години.
„Најголем дел, или 46 отсто анкетирани млади луѓе, воопшто не се евидентирани во Агенцијата за вработување, а 26 отсто се водат како невработени повеќе од 3 години. Околу 69 отсто млади во Прилеп својата иднина ја гледаат надвор од Македонија, 16 отсто планираат да мигрираат во македонската метропола, а само 15 отсто да останат во родниот град. Вработувањето е најголема причина поради која би го напуштиле Прилеп и државата. Вака се изјасниле 53 отсто анкетирани млади, додека 32 отсто ниските примања ги лоцираат како најголема кочница за живот во Македонија“, велат од граѓанската асоцијација „ПАКТИС“.
Трендот на времено или трајно заминување продолжува
Според фирмата „Коузон“, која посредува при обезбедување работа на брод ширум светот или на копно во држави од Блискиот Исток, младите од Македонија и натаму покажуваат интерес за работа во странство. Кандидатите посебно за работа на брод, добиваат реални работни позиции според нивното првично работно искуство и квалификации. Но, подоцна тие можат многу да напредуваат и да заработат.
„Интерес за работа во странство постои, но реално нема многу голем избор, пред сè поради неможноста регуларно да се работи со македонски пасош во државите на ЕУ.
Еден добар дел од оние кои бараат работа посегнуваат по бугарските пасоши (би рекол за жал). Интересот за сите вработувања пред 5-6 години во споредба со денес мислам дека беше многу поголем. Мотивите на сите млади луѓе се да заработат што повеќе. А, само мал процент бараат шанса за градење кариера“, вели Зоран Кочоски, сопственик на компанијата со долгогодишна традиција на посредување при вработување на брод. Негова оценка е дека во најголем број случаи младите по истекот на договорот се враќаат во Македонија, а потоа секој си го планира својот живот по желба.
Како да се спречи иселувањето на младите?
За да се детектира состојбата и за да се спречи трендот на масовно иселување на младите од Македонија, младинската коалиција „СЕГА“ со седиште во Прилеп, спроведе широка дебата со претставници од министерствата за образование и труд и социјална политика.
„Во согласност со она што ние можеме да го утврдиме, масовното иселување на младите се случува како последица на актуелната состојба кај нас во државата, односно големиот момент на недоверба кон институциите, делот на социјална апатија. Под итно треба да се седне и да се направи стратегија како да се обезбеди побрз пристап и вработување од образованите институции директно кон работно место. Тоа е она што треба да им се понуди на младите, затоа треба да го забрзаме процесот да најдат работа“, вели Зоран Илиески, претседател на коалицијата на младински организации „СЕГА“.
За да се преиспитаат актуелните мерки за поддршка и вработување на младите, оваа младинска коалиција сите препораки ги достави до Министерството за труд и социјална политика, со надеж дека ќе бидат земени предвид при утврдување на следните мерки за поттикнување на вработеноста и поддршка на младите.
Работа нема ниту за врвно едуцирани млади луѓе!
Долгогодишните најави за отворање нови работи места од локалната самоуправа и владата не се остварија. Точно е дека некои фирми во градот купија земјиште, а дел и ги проширија своите капацитети во стопанските зони, но за масовни вработувањa не станува збор. Млади кои беа на обука во Украина, за работа во „Гентерм“ останаа на улица, зашто тој капацитет сè уште не проработи во ТИРЗ „Алинци“. Впрочем, Прилеп ни оддалеку не е град на економски просперитет.
Од Регионалната стопанска комора потврдуваат дека најголема е потребата за вработување на работници со одредени занаети. „Слободно можам да речам дека прилепското стопанство има најголема потреба за вработување на лица кои имаат завршено три или четири години средно образование од одредени занаети: бравари, инсталатери, електричари…“, изјави Ристо Најдоски, секретар на
Регионалната стопанска комора.
Во еден период голема можност за работа имаше и во конфекционерството. Но, и таму веќе ситуацијата се стабилизира. Од 20-ината конфекции, како што велат од локалната секција на текстилци, останаа само 10-ина што работат лон систем. Според тоа профилот на кадри е доволно обучен низ годините.
„Потребата за квалификуван кадар во оваа бранша не е голема. Во конфекциите што имаат сопствени брендови има место за одговорни работници, но сепак говориме за мал број. Што значи, доколку во моментов во мојата конфекција побараат работа 30-ина конфекционери, секако дека не би можел да ги вработам. Секој стопанственик е особено внимателен при развојот на својот бизнис“, изјави Благоја Конески, сопственик на конфекцијата Хатра, една од четирите што успеаја да развијат сопствен конфекциски бренд во градот.
Во јавниот сектор, пак, можност за работа без партиска книшка – нема. Но, овде местата се веќе пополнети одамна, дури во одредени јавни претпријатија постои енормна превработеност. Партизација постои и во сферата на образованието и тоа не е никаква тајна.
„Ме примија на работа, ми кажаа да извадам партиска книшка, оттогаш дежурам во комитетот, редовно присуствувам на сите партиски активности“, ни рече еден професор кој инсистира на анонимност, иако оваа појава е јавна тајна во Прилеп.
А, според статистиката на Агенцијата за вработување заклучно со 31 март 2016-та година, бројот на невработени е 8.587 граѓани. Од нив 3.123 се на возраст од 24 до 34 години, а 911 до 39 години старост. Во градот нема работа ниту за доктори на науки, па тројца веќе се на листата на невработени. Работа нема ниту за 68 магистри.
Како младите магистри гледаат на проблемот со иселувањето?
Јосипа Аризанкоска е магистер по Европски студии на Универзитетот во Болоња, поточно докторантка на Европска и компаративна политика на Универзитетот во Сиена, Италија. Не се надева дека во Македонија ќе постигне професионална реализација и адекватно вреднување на својот труд и знаење.
„Образовниот систем и назадните реформи во високото образование ме демотивираат. Сега, за време на моите докторски студии, размислувам за продолжување на кариерата во странство. Во Македонија не постојат постдокторски платени студии, а влегувањето како дел од наставниот кадар на универзитетите е политизирано или поточно речено партизирано. Одбивајќи мојот труд и капацитет да се сведе на мојата спремност, интелектуално да се проституирам и да служам за нечии политички агенди пред целите на науката, јас претпочитам да аплицирам за постдокторски студии во други западноевропски земји“, вели оваа девојка.
Според неа, добрата македонска храна, социјалниот живот и изобилството на сонце во никој случај не може да биде замена за потребите за социјална правда, услови за школување на децата, општествени вредности како што се рамноправноста и солидарноста, финансиската стабилност и пред сè, валоризирањето на трудот и посветеноста во работата.
Во Општина Прилеп сè уште не е формиран Младински совет
Побаравме, но до завршувањето на овој текст не добивме одговор дали Општина Прилеп има локална стратегија за решавање на овој голем долгогодишен општествен проблем. Ниту од секторот за односи со јавност, ниту од кабинетот на градоначалникот Марјан Ристески не оценија дека треба да дадат одговор на доставените прашања. Од секретарот на Општината, Александар Талимџиоски, добивме насоки дека во согласност со законот, Комисијата за општествени дејности треба наскоро да ги избере кандидатите, кои ќе членуваат во Младинскиот совет. Претседателката на Комисијата, Силвана Пашоска не најде време, да одговори на повиците и пораките. Според тоа останува отворено прашањето, кога ќе се формира Младинскиот совет, кои ќе бидат неговите надлежности и агенда за работа, дали во фокусот ќе биде токму овој релевантен проблем со иселувањето на младите.
Иселувањето на младите низ призмата на млади од ВМРО-ДПМНЕ И СДММ
Во контекст на изнаоѓање што подобра солуција се обидовме овој акутен проблем со масовното иселување на младите да го погледнеме и низ призмата на младите лидери на најголемите политички партии во градот, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Лидерот на Унијата на млади сили од ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, Виктор Здравески како што нè извести со смс-порака поради презафатеност не бил во можност да одговори на прашањата испратени на неговата мејл адреса.
Причините за иселувањето, социјалдемократската младина ги лоцира во лошиот образовен систем, отворањето дисперзирани студии во помалите градови само за да се фингираат статистиките за невработеноста.
„Втората и не помалку важна причина за иселувањето на младите е партизираноста на секој сегмент од општеството и наметнувањето на партиската книшка како основен предуслов за вработување на младите, а со тоа директно уништување на мерит системот. Во такви услови, стручните и професионални кадри неминовно гледаат излез во заминувањето надвор од РМ, онаму каде што се цени и вреднува нивното знаење, вештини, каде можат да ги надоградат професионалните капацитети и да бидат соодветнo наградени и платени за работата што ја работат. Ова всушност е најгорливиот проблем бидејќи најкапацитетните млади кадри придонесуваат за развивање на други економии, наместо за македонската“, вели Александар Џагадуроски, првиот млад социјалдемократ.
Во државата нема официјална статистика за бројот на иселени млади
Државниот завод за статистика на Република Македонија нема податоци за бројот на младите кои по разни основи ја напуштиле Македонија, времено или трајно се иселиле во друга држава. На интернет страницата може да се најде само една „штура“ информација дека овие демографски движења треба да ги евидентираат служби на МВР.
„Во 2014 година, во рамките на Република Македонија, 8260 лица го промениле своето место и адреса на живеење, а салдото на надворешните миграции изнесува 1699 лица“, е објавено на сајтот на Државниот завод.
Надлежните во МВР и покрај најавите не нè информираа дали ова Министерство води ваква евиденција и колкав е бројот на млади, кои по разни основи ја напуштиле Македонија во последниве 5 до 6 години. „Доколку се води ваква евиденција, ќе ве известиме, оставете контакт“, гласеше неоствареното ветување од МВР.
И после сè, јасно е дека масовното иселување на младата популација во странство е секојдневие не само за Прилеп, туку и за целата држава. Овој алармантен процес, како директна последица на нереализираниот, а на големи ѕвона најавуван економски бум од една и, на партизацијата на јавниот сектор од друга страна, мора итно да запре. Во спротивно прогресивната млада сила и натаму ќе ја гледа својата иднина надвор од границите на Македонија, во држави каде владее демократија, каде се вреднуваат квалитетот, способностите и вештините, и каде слободата на говор и мислата не е заменета со партиската книшка.
*****
Прилогот е изработен во рамки на Проектот „Демографија – квалитет на живеење“ на НВО Инфоцентарот, Македонскиот центар за европско образование, Осми септември и Центарот за развој на медиуми, со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество -Македонија.
Содржината на прилогот е одговорност на авторот и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.