Министерот за правда, Бојан Маричиќ призна дека имал средба со обвинител во петокот, два дена пред да биде распишана потерница по Сашо Мијалков и еден ден пред министерот Оливер Спасовски да биде алармиран дека ексдиректорот на УБК можеби спрема бегство. Маричиќ вели дека информацијата за можно бегство му била претставена како чаршиски муабет и посочил дека треба да се провери. Не го откри обвинителот со кого неформално седел во петокот вчерта. Прашан за одговорност, Маричиќ вели дека не чувствува бидејќи немало што тој да направи.
„Не верувам дека сум првиот човек, но веројатно дека сум првиот члена на Владата. Се работи за една неформална средба која ја имав во петокот вечер со еден обвинител, кога ми беше претставено дека постои гласина, дури како чаршиски муабет беше означено, дека е можно такво нешто. Јас како човек кој што води сериозна институција укажав на обвинителот дека треба да се проверат гласините. Бидејќи не ми беше соопштен изворот на информации, тоа беше зачувано како податок кој не ми е достапен ниту пак ми го кажа обвинителот, замолив да се проверат тие наводи. Па, доколку има основа, доколку се потврдат гласините, Обвинителството да ги преземе мерките. Министерството за правда нема под себе ниту Обвинителство, ниту полиција за да направи било што, туку само можам да пренесам информација. Замолив да се проверат гласините и ако се повеќе од тоа, да се преземат мерки. Колку што знам веќе наредното утре, обвинителката Русковска сама се јавила и кажала кај Спасовски и обвинителот и веќе тргнала постапката. Не знам што би можел да направам повеќе во тој момент. Впрочем, бегството се случи во неделата вечер, тогаш имаше доволно време да се преземат мерки. Не чувствувам никаква одговорност“, рече Маричиќ.
Инаку премиерот Зоран Заев го откри министерот Маричиќ дека прв од Владата знаел за можното бегство на Мијалков. Првпат ваква информација беше соопштена во јавност од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во вторникот, на еден час пред Мијалков да се појави. Спасовски рече дека не знаел само тој дека Мијалков спрема бегство, туку дека во петокот обвинителите ја имале информација и ја пренеле и на друг министер.