Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и директорот на Светска Банка за Македонија, Марко Мантованели, во рамки на тридневната работилница за: „Проценката на моделот за зрелост на капацитетите за информатичка безбедност“, одржаа прес конференција.
„Сајбер безбедноста привлекува сè повеќе внимание во професионалните кругови, но и кај креаторите на политики, бизнис секторот, академскиот сектор, и пошироката јавност. Успешните сајбер напади стануваат сè почести и поопасни, а напаѓачите се сè порешителни и пософистицирани. Поминаа деновите кога сајбер-безбедноста се третираше како ИТ проблем, а заштитата на податоците се ставаше на последно место. Владата е свесна дека прашањето на сајбер безбедноста не треба да го разгледува како секторско прашање и се залага за соработка на сите институции, приватниот, граѓанскиот и академскиот сектор за зајакнување на сајбер–безбедноста во Република Македонија“, истакна министерот Манчевски, ставајќи акцент на важноста од соработката помеѓу институциите во креирање на политики за сајбер безбедност.
„Проценката се одвива согласно утврден модел, во кои се опфатени јавните политики и стратегии, културата и општеството, образованието и вештините, правните и регулаторни рамки, како и стандардите и технологиите од областа на сајбер безбедноста. Евалуацијата се спроведува преку консултативни средби во кои учествуваат претставници на јавниот сектор и критичната национална инфраструктура, но и од бизнис секторот, академскиот сектор, граѓански здруженија и интернационалната заедница“, информираше министерот Манчевски.
„Сакам да ја поздравам заложбата на Владата и одлуката Македонија да биде на ниво со државите кои веќе имаат превземено значајни чекори во делот на сајбер безбедноста. Информатичкото општество и комуникациите се инструмент за економски развој. Во Македонија ИКТ секторот веќе е најголем извор на високо платени работни позиции и е во постојан раст“, посочи директорот Мантованели.
Како што информираше тој, согласно податоците кои ќе произлезат од проценката, Светска Банка е спремна да оформи тим од експерти, во сферите каде ќе биде одлучено дека е најпотребно.