Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, е во официјална посета на Монтреал, Канада, каде учествува на меѓународниот симпозиум на тема: „Најдобри практики за ефективен и демократски трансфер на извршната власт“.
Фокусот на овој настан се предизвиците со кои се соочуваат државите и потребната поддршката при ефективниот трансфер на извршната власт што следи по демократските избори.
Како што беше истакнато на симпозиумот, трансферот на извршната власт направен по природен пат без конфликти, е од клучно значење за континуираниот демократски развој на земјата, особено во земјите со кратка традиција на демократски трансфер на власт или слаба законска рамка што ги регулира овие транзиции. Овој процес претставува критично време за администрациите во заминување да го зацврстат своето наследство, како и за новата администрација да се подготви за премин од периодот на кампања во структура која ќе владее. Исто така, се случуваат во време кога очекувањата на јавноста за промени се високи, а успешните транзиции имаат капацитет да го покажат не само континуитетот и силата на доброто владеење, туку и посветеноста на новиот лидер да ги претворат ветувањата на кампањата во конкретни владини активности.
Министерот Манчевски имаше свое обраќање во панел сесијата посветена на „Основите на ефективна комуникација при транзиција на извршната власт“, и во панел сесијата „Создавање и одржување на коалиции во контекст на транзиционен период“.
Тој се осврна на владиниот комуникациски сервис поставен по формирање на новата Влада во Р. Македонија, а кој се основа на постулатот на отворена влада-сервис на граѓаните, којшто се темели на транспарентно, навремено и сеопфатно информирање на граѓаните за сите активности на Владата и министерствата. Комуникацискиот сервис како што истакна министерот Манчевски, се креира по примерот на сервисите кои се воспоставени во Соединетите американски држави и Британската влада, кои се партери на Македонија во овој процес.
Зборувајќи за принципот на транспарентност во работењето министерот Манчевски, ги претстави алатките кои се на располагање на Владата, како што се редовните прес конференции, објавувањето на дневниот ред на секоја владина седница, алатката за трошоците на функционерите, укинувањето на владиното рекламирање, задолжително објавување на 21 документ на веб страните на институциите…
Целта на настанот е да се започне со воспоставување на меѓународни демократски норми за овие прашања, како што се одговорноста на новата и старата администрација и норми за поддршка на државните служби во период на транзиција во претседателски, парламентарни и хибридни владини системи.
Меѓународниот симпозиум е поддржан од Националната фондација за демократија, Фондацијата Пјер Елиот Трудо и Националниот демократски институт.