Максути: Државата повеќе да инвестира во младите, во нивниот образовен процес и нивно мотивирање

Од:

Заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, денеска учествуваше на завршната конференција на истражувачкиот проект на Евро-атлантскиот совет на Македонија, насловен „Зајакнување на младинскиот дијалог за промоција на демократските процеси во духот на евро-атлантските интеграции“.

Целта на проектот е да ги поттикне младите активно да учествуваат во градењето на демократските процеси и со тоа да придонесат во процесот на евро-атлантските интеграции, развивањето дијалог, градењето капацитети и вмрежувањето на младите и младинските организации. На отворањето на завршната конференција говореа премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.

Заменик-министерот Максути на првиот панел посветен на домашната институционална перспектива рече дека денес помалите држави во развој се соочуваат со сериозен проблем – младите својата визија и желбата за просперитетна иднина да ја бараат надвор од матичните држави.

„Потребно е државата повеќе да инвестира во младите, во нивниот образовен процес, во создавањето животни услови за подобра егзистенција, нивно мотивирање. Еден од условите е и интензивирање на дијалогот меѓу младите од сите провениенции, без разлика на нивната етничка, верска, социјална, политичка припадност“, истакна заменик-министерот. Додаде дека Македонија прави напори да донесе европски стандарди во образованието, одбранбениот и безбедносниот сектор, економијата, социјалниот живот.

Во контекст на евро-атлантските интеграции Максути посочи дека тие се значаен мотивирачки фактор за младите да можат слободно да се движат и да разменуваат идеи со нивните европски колеги. Ги презентираше и напорите на Министерството и на АРМ за привлекување на младите својата иднина и професија да ја најдат во редовите на Армијата.

„Министерството за одбрана покрена проект за запознавање на младите со воената професија и со можностите кои таа ги отвора. Во рамките на Проектот за популаризација на воениот позив, експерти од Министерството, Армијата и Воената академија ги посетија сите средни училишта и ги запознаа младите со воената професија“, рече Максути.

Тој истакна дека можностите и перспективите на младите значително ќе се подобрат со целосно интегрирање на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија, процеси кои се стратешки цели на Владата и процеси кои сме на добар пат да ги оствариме.

Во рамките на истражувачкиот проект изминатите неколку месеци биле организирани четири тркалезни маси, а било спроведено и истражување на јавните ставови и мислења за ефектите од евро-атлантските интеграции, и активното вклучување на младите и младинските и студентски организации во демократските процеси и процесот на донесување одлуки.

Би можело да ве интересира

Новинар отпуштен поради „непријатно“ прашање за Газа; „Русија нападна, Израел се бранеше“

Унгарија формира „сојуз на скептици“ кон Украина

ЕУ ја повикува Кина да помогне во завршувањето на војната во Украина

Горан Наумовски

Лидерите на ЕУ се согласија да одговорат на итните финансиски потреби на Украина во следните две години

Лавров: ЕУ и НАТО се обединија против Русија

Лопатка: Мора да го видиме напредокот во Црна Гора и во Албанија, а гледам и добри шанси за Македонија