Контролата на пестицидите во македонското земјоделство е задолжителна и строга. Од 2013 година постои мониторинг програма, а воспоставена е и Државна фитосанитарна лабораторија кој испитува над 150 активни материи (пестициди) во производството, рече денеска директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Румен Стаменов.
Според него, граѓаните воопшто не треба да се сомневаат во безбедноста на храната што се продава по пазарите и маркетите.
– Ве уверувам дека во маркетите и на пазарот точно знам што купувам. Задолжително и строго се евидентира употребата на пестициди. Почнавме со симболични 50 контроли, а сега надминуваме 500. Се следат праските, компирот, салатите, лубениците, дињите, грозјето, доматот, краставиците,… Обиди за злоупотреби има, секогаш се наоѓа простор за манипулација од страна на несовесните граѓани, но нашата мрежа што ја развивме заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство, е одлична и проверките се максимални, нагласи Стаменов на панел-дискусијата „Месо? ГМО? Глутен? Пестициди? Холестерол? Лактоза? Хормони? Што да јадам?“ што се одржа во рамки на конференцијата „Food talk Macedonia“.
До 2010 година Инспекторатот броеше само 19 инспектори, а сега има преку 140 од кои 63 се фитосанитарни.
– Пестицидите мора да се користат ако сакаме поголемо производство. Од друга страна, ги знаеме нивните својства. Затоа мора да ги дозираме во количини кои не би имале штетни последици врз нашето здравје. Тука, секако, се и ригириозните редовни конроли, истакна директорот.
На панел-дискусијата учествуваа и професорката по генетика од Факултетот за земјоделски науки и храна Соња Ивановска, нутриционистот Цвета Динева, гинекологот и поборник за здрава храна Јадранка Бибан, како и фитотерапевтот и асистент на Факултетот за екологија Драган Јованов. Секој зборуваше во својот домен, но пораката беше единствена – да јадеме што повеќе храна од пазар, а не процесирана и убаво спакувана од маркетите.
Како што рече Динева, Македонија има огромен потенцијал и неограничени можности за производство на квалитетно овошје и зеленчук кои треба да се искористат.
Според Јованов, во исхраната е препорачливо да се користат лековитите растенија особено доколку кај некои лица некоја болест е навреме детектирана.
Бибан, која е долгogодишен веган, препорача потрошувачите внимателно да одбираат што јадат. Науката можеби нуди докази за тоа што е здраво, а што не, но често, рече, поради тоа што е жива материја и постојано се менува, не ретко и не доведува во заблуда.
На конференцијата „Food talk Macedonia“, покрај оваа, се одржаа уште пет панел-дискусии на различни теми кои исто така се однесуваат на храната.
Гостите пробуваа македонски специјалитети, јадења од кујните на амбасадите во земјава, а имаа можност да видат и како се врши дегустација на вино. Особен интерес кај нив предизвика присуството на Оливер Млакар, поранешниот водител на култната „Квискотека“.
„Food talk Macedonia“ првпат се организира кај нас. Досега две вакви конференции се одржаа во Заечар и Нови Сад.
-„Food talk“ почна пред три години. И тогаш најатрактивен гостин беше Млакар. Денес, конференцијата се одржува во Македонија, не во БиХ, Хрватска или Црна Гора, туку токму тука, рече Роберт Чиобан, сопственик на компанијата „Колор Прес-група“ која е организатор на настанот.
Меѓу присутните беа претставнички на здружението „Вешта жена“, готвачи, сопственици на ресторани, винарии, гастро-блогери, како и голем број естрадни ѕвезди.