Ако возите под дејство на алкохол во соседна Србија ќе бидете казнети и за помало количество во однос на правилата кај нас, но, од друга страна, алкохолот може да се продава 24 часа без ограничувања. Законите во многу држави прават јасна дистинкција меѓу купување и користење алкохол. Додека слободната трговија значи дека купувањето е дозволено во секое време во сите продавници, консумирањето се регулира, па има забрани за пиење на јавни површини или учество во сообраќај – без разлика дали со возило, мотор или велосипед.
Под правилата на слободниот пазар во Србија секој со над 18 години возраст може да купи алкохол во кое било време и во секоја продавница, киоск или бензинска станица. Но, доколку возите пијан полицијата ќе ве казни и за над 0,03 промили алкохол во крвта.
Со сегашната законска регулатива кај нас потешко е да купите алкохол – забранета е продажбата после 22 часот, во киосци и продавници во склоп на бензински станици кои работат 24 часа, но затоа дозволеното ниво на алкохол во крвта за управување со возило е 0,05 промили.
Според податоците од Светската здравствена организација од септември 2018 година, продажбата на алкохол е дозволена за лица над 18 години во сите продавници, трафики и маркети во склоп на бензински станици во Србија, Хрватска, Грција, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија.
Истото важи и за Австрија и Германија, каде продажбата на алкохол е дозволена на лица постари од 16 години.
Освен кај нас, забрана за продажба на алкохол на бензински станици има и во Албанија и Италија.
ПР текст