Претекнувањето е составен дел од возењето, но тоа треба да се прави безбедно и само при соодветни услови. Постои голема разлика при претекнување во градска средина, на магистрален пат и на автопат.
Во градска средина возачите, најчесто, внимаваат на две работи – дали е испрекината линија и дали има возила од спротивна страна, но често забораваат на опасноста од приклучување на возилата од споредни улички и возилата кои сакаат да се исклучат од патот, што се најчести причини за незгоди.
Доколку претекнувате велосипед или мотор, секогаш оставете најмалку еден до еден и пол метар странично растојание.
Најопасно е претекнувањето на регионални патишта со сообраќај во две насоки. Тоа бара големо внимание и пресметување на повеќе фактори, но секогаш претставува опасност, бидејќи зависите и од „коректноста“ на останатите возачи.
За безбедно претекнување потребно е да бидете сигурни дека имате доволно време и простор за меѓузабрзување, додека првото зависи од тоа колку го познавате сопствениот автомобил, второто речиси секогаш е на процена на дадената ситуација, односно колку имате прав пат пред себе или колку далеку е возилото од спротивната лента. Само кога ќе бидете сигурни и за двете работи, може да почнете да претекнувате, но и тоа треба да го направите безбедно. Секогаш задолжително погледнете и на ретровизорите, за да видите дали има возачи и што прават возачите зад вас, потоа ако е слободна лентата давате сигнал и се престројувате. Давате сигнал на возилото дека го претекнувате и откако ќе направите доволно растојание се враќате повторно во вашата лента.
Запомнете, дека на регионални патишта не постои безопасно претекнување и дека секогаш зависите од „коректноста“ на останатите возачи. Затоа, и вие самите бидете коректен возач и секогаш кога некој сака да ве претекне малку забавете и повлечете се колку можете во сопствената лента, а ако, пак, наидувате од спротивна страна и гледате возило што претекнува, забавете малку и оставете доволно простор за да се врати повторно во сопствената лента. Запомнете, на тој начин правите добро и за вас и за останатите учесници во сообраќајот.
Претекнувањето на автопат е поедноставно, но подеднакво опасно и треба да се прави правилно. Секогаш користете го правилото на три трепкања, односно претекнувате или менувате лента по третото трепкање на трепкачот. Тоа значи оставате доволно простор на возилата зад вас да видат дека сакате да промените лента. По претекнувањето секогаш вратете се во слободната десна лента. Без разлика дали возите во рамките на ограничувањето на брзината, никогаш не треба да ја „држите“ брзата лента. Со тоа само предизвикувате револт кај останатите возачи и се ставате во потенцијална опасност, некој да нема доволно време да изреагира.
Никогаш не се претекнува од десна страна или доколку возилото пред вас даде сигнал дека планира да се исклучи од патот. Забрането е претекнување на полна линија, но иако претекнувате на обележено место и нема забрана, сепак, не смеете да возите побрзо од дозволената брзина.
ПР текст