Макфакс: Чавков му дал македонски пасош на уапсениот иранско-турски милијардер

Од:

Уапсениот иранско-турски мултимилијардер Реза Зараб добил македонски пасош со неговиот втор идентитет, Риза Сараф. Тој лани во Мајами, САД, беше уапсен и обвинет за трансакции од стотина милиони долари во име на владата на Иран и другите ирански ентитети, кои беа забранети со американски санкции, перење пари од тие нелегални трансакции и измама на неколку финансиски институции со прикривање на вистинската природа на овие трансакции. Американските медиуми, по апсењето, открија дека кај Зараб биле најдени турски, ирански и македонски пасош. Американскиот оддел за првада, пак, соопшти дека обвинетиот имал двоен идентитет. Освен како Реза Зараб, тој имал документи и под името Риза Сараф.

Макфакс“ открива кој и под кое име му го издал македонскиот пасош. Министерстово за внатрешни работи (МВР) под името Реза Зараб не пронајде документи во базата на податоци за издадени лични исправи, но во повторена проверка со името Риза Сараф потврди дека иранско-турскиот бизнисмен има македонски пасош.

„На Лицето Сараф Риза, роден 12.9.1983 година во Техеран, од татко Хосеин и мајка Шахен, со решение на Министерството за внатрешни работи број 11.1.2- 63475/1-2015 година, му е дадено државјанство на Република Македонија во согласност со чл. 11 од Законот за државјанството на Република Македонија. Од извршената проверка во евиденциите на издадени лични документи утврдено е дека именуваниот поседува важечка лична карта и важечка патна исправа“, велат од МВР.

Риза Сараф го поднел барањето за пасош на 2 октомври 2015 година, а пасошот му бил издаден на 29 октомври во согласност со позитивно мислење на владата. Извори од МВР, неофицијално, велат дека не се изјасниле сите служби позитивно за одобрување на пасошот на иранско-турскиот бизнисмен.

„Позитивно мислење за да му се издаде пасошот на Риза Сараф дала Управата за безбедност и контраразузнавање, мислењето од Министерството за финансии било негативно, а позитивно се изјаснило и Министерството за економија“, велат нашите извори и нагласуваат дека не е неопходно сите мислења да бидат позитивни за странецот да добие пасош.

Пасошот на Риза Сараф, само неколку месеци пред да биде уапсен во Америка, го потпишал Митко Чавков пред да биде сменет од функцијата министер за внатрешни работи. Две недели по потписот, на 11.11. 2015, Чавков беше сменет и на чело на МВР дојде Оливер Спасовски.

Стотина странци добиле македонски државјанства поради посебен интерес

Членот 11 од Законот за државјанството на Република Македонија, по кој му е дадено државјанство како услов за пасош на Риза Сараф, овозможува странец кој наполнил 18 години да може да стекне државјанство на Република Македонија ако тоа претставува особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес. Риза Сараф е вториот крупен бизнисмен кому Македонија му даде пасош за тој набргу потоа да биде уапсен под сериозни обвиненија. Првиот беше индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој најави милионски инвестиции во Македонија, но не ги реализира.

Во декември 2012 година владата на ВМРО-ДПМНЕ донесе уредба за утврдување на критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување државјанство на Република Македонија. Оваа уредба им овозможи на странските инвеститори во Македонија, заедно со инвестицијата, да аплицираат и за македонско државјанство со оправдување дека има економски интерес да им се одобри. Според уредбата, странците може да побараат државјанство ако инвестирале во Македонија со директна инвестиција, донација, купување хартии од вредност, купување акции, ако инвестирале со знаење и искуство, иноваторство и слично. Врз основа на оваа уредба од усвојувањето до денес, според податоците на МВР, издадени се државјанства на стотина лица.

„Во периодот од 2013 до 2017 година смакедонско државјанство стекнале 5.319 лица, од кои 91 лице стекнале македонско државјанство во согласност со чл. 11 од Законот за државјанството на Република Македонија и уредбата за утврдување на критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување државјанство на Република Македонија“, велат од МВР.

Според евиденцијата на Министерството, пак, од 1992 година македонско државјанство стекнале околу 100.000 странци.

Партијата за движење на Турците во Македонија побара јавно да се соопшти кој го издал пасошот

Објаснување за македонскиот пасош на Реза Зараб или Риза Сараф лани јавно побара Партијата за движење на Турците во Македонија. Тие прашаа кој му го издал пасошот, дали има инвестиција во Македонија, според кој закон му се дадени државјанството и пасошот и дали е праведно Иранецот Реза Зараб, кој се товари за огромен криминал, експресно да добие македонски пасош и државјанство додека Турците родени во Македонија, кои поради финансиски проблеми заминале во Турција, не можат да се изборат за македонско државјанство и пасош? Одговор на прашањата сè уште немаат.

„Партијата за движење на Турците во Македонија од надлежните служби во претходната влада побарала информација за јавно соопштување на начинот на издавање пасош за лицето Реза Зараб, меѓутоа немала никаков одговор“, велат од Кабинетот на Аднан Ќахил, министер задолжен за странски инвестиции во актуелната Влада на Република Македонија и претседател на Партијата за движење на Турците во Македонија.

Зараб најавил инвестиција од 650.000 милиони евра во хотелиерството

Турските медиуми во 2013 година јавија дека Реза Зараб ќе инвестира 650.000 евра во хотелиерството во Македонија, но оваа инвестиција кај нас никој не ја потврди. И четири години по најавата, министерот во Владата на Зоран Заев задолжен за странски инвестиции, Ќахил, вели дека засега нема сознанија за постојни инвестиции на споменатото лице.

Агенцијата за странски инвестици не одогвори на прашањата на „Макфакс“ дали имаат некаква соработка со иранско-турскиот бизинсмен.

Уапсен со 103.000 долари во кеш

Реза Зараб, изранско-турски бизнисмен и трговец со злато, беше уапесн на 19 март во Мајами, САД, со 103.000 долари во кеш, пишуваа американските медиуми. Кај него бил најден македонски пасош, како и патни исправи од Иран и Турција. Неговите адвокати побараа од судот во Менхетн ослободување на Зараб и негово префрлање во домашен притвор, а за тоа понудија кауција од 50 милиони долари. Обвинителите се спротивставија на овој предлог и инсистираа тој да остане во притвор поради опасноста дека со неговите три пасоши може многу лесно да ја напушти Америка и да се смести во земја што нема да го екстрадира.

Реза Зараб е сè уште во затвор, а во тек е судскиот процес против него. Заедно со него беа уапсени и обвинети и двајца ирански државјани – Камелија Џамшиди и Хосеин Наџазаде, но тие по сослушувањето беа пуштени да се бранат од слобода.

Според американските власти, бизнисот на Реза Зараб има годишен обрт од 11 милијарди долари. Тој е сопственик на 20 луксузни имоти во светот, автомобили, јахти, приватен авион и повеќе од 10 милиони долари во уметнички дела.

Против Зараб турските медиуми пишуваат дека се водела истрага и во 2013 година поради сомнение дека подмитувал високи владини функционери, но бил ослободен од сомнението кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го отфрли случајот како обид за државен удар оркестриран од неговите политички непријатели.

Сопруга Ебру Ѓундеш е популарната поп-пејачка и актерка

Реза Зараб е женет за турската популарна поп-пејачка и актерка Ебру Ѓундеш и имаат едно дете. По неговото апсење минатата година амерканските медиуми пишуваа дека актерката неколкупати побарала развод.

Би можело да ве интересира

Ајатолахот Али Хамнеи е во кома и неговата здравствена состојба е исклучително сериозна

Аракчи најави можност за почеток на преговори меѓу Иран и Европа

Во Иран се планираат клиники за убедување на жените кои одбиваат да носат хиџаб

А1он

Ердоган: Турција ги прекина односите со Израел

Претставник на американската влада обвинет за објавување информации за планот на Израел за напад на Иран

Ердоган: Нема објаснување зошто процесот на пристапување на Турција во ЕУ е блокиран со години