И покрај проблемите со германската полиција членовите на клубот „Ноќни волци“ од Македонија денеска учествуваа на одбележувањето на денот на победата против фашизмот во Берлин. На церемонијата пред споменикот на црвената армија во паркот Трептов во источен Берлин учествуваа околу 20 илјади луѓе најголем дел од нив Руси од Германија и од Русија, но и голем број Германци.
Македонските „Ноќни Волци“ велат дека ја исполниле својата мисија и покрај тоa што нивниот лидер Ленин Јовановски не можеше да влезе во Германија тие дошле во Берлин и се поклониле на оние што го победиле фашизмот пред 70 години.
– Фала му на господа стигнавме на најголемата прослава на 70 годишнината од победа против фашизмот, да прославиме достоинствено со почит за нашите предци и за Македонците кои што загинале во борбата против фашизмот и го ослободиле нашиот дел од Европа, а пред се на нашите руски браќа кои што со големата Црвена армија ја ослободија цела Европа. Нашата мисија е исполнета, „Ноќните Волци“ не можат да бидат спорени, еден ако ќе продолжи и ќе стигнеме на местотo на кое што треба да дојдеме. Како што нашите предци победија пред 70 години така и ние победивме сега, дојдовме на најголемиот споменик во чест на борбата против фашизмот, за МИА изјави Димитар Бочевски еден од членовите на „Ноќни Волци“ од Македонија.
Откако положија цвеќе на споменикот на Црвената армија во паркот Трептов Македонските мотоциклисти пред пристуните презентираа банер со кој што порачаа дека нивниот пат е исправен и дека победата е нивна како и поздрав до нивните лидери Ленин Јовановски и мотоциклистот со прекар Хирург.
Лидерот на македонските „Ноќни Волци“ Ленин Јовановски завчера вечер неколку часа бил приведен од германската полиција и не му бил дозволен влез во Германија. Македонските „Ноќни Волци“ кои овде беа во друштво со уште околу 200 мотоциклисти од десетина европски држави меѓу кои и неколку членки на ЕУ и НАТО попладнево тргнуваат на пат за Македонија.