Владината делегација, предводена од претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров, синоќа остварија посета на Медицинскиот центар Принстон и договорија соработка во здравството.
Медицинскиот центар Принстон е еден од најреномираните медицински установи во Соединетите Американски Држави, како во поглед на реномето и стручноста на медицинскиот персонал, така и по инвентивноста и обемноста во инфраструктурните инвестиции во здравствените капацитети.
Како што соопшти владината прес-служба, делегацијата имаше средба со менаџерскиот тим на Центарот и присуствуваше на презентација на изградениот нов објект, неговата инфраструктура, опременост и протоколи за третман на пациентите.
Беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу Министерството за здравство на Република Македонија и Медицинскиот центар Принстон, којшто претставува основа за конкретна соработка и размена на искуства. Според документот, договорена е соработка преку која македонски лекари и останати медицински лица ќе присуствуваат на обуки во Принстон каде ќе се усовршуваат за разни медицински техники и методи во работата. На овој начин продолжува трендот на воспоставени соработки помеѓу македонските здравствени власти и врвни меѓународни медицински центри со кои се овозможува едукација на македонските лекари.
– Ова е една нова тура, која што ја правиме во повеќе болници во американски градови и потпишуваме меморандуми за соработка. Завршувајќи со овие посети во рамки на овој престој во САД ќе имаме вкупно 14 болници со кои имаме воспоставено соработка само во Америка, а има други и во Европа. Се работи за една сериозна бројка на медицински центри каде што нашите лекари веќе почнаа да доаѓаат на обуки како што се обуките во Хјустон, Лос Анџелес, Детроит. Сега потпишуваме со нови болници, во центри каде што наши лекари ќе доаѓаат и ќе добијат обуки за нови методи на работа кои не се применуваат во Македонија. Од Принстон ни ги опишаа сите аспекти на оваа болница. Тие имаат новоизграден објект на болницата, и тоа беше корисно како искуство и од аспект на градбата на новиот Клинички центар во Скопје, изјави премиерот Груевски по потпишувањето на Меморандумот.
Министерот Тодоров истакна дека оваа соработка ќе даде дополнителен квалитет на заложбите за едукација на лекарите од нашата земја.
– Потпишавме Меморандум за соработка, кој што ќе овозможи нашите доктори од Македонија да добијат одличен тренинг овде во престижниот Медицински центар Принстон. Очекувам дека размената на искуства, знаења и вештини кои нашите лекари ќе може да ги стекнат тука и потоа да ги применуваат во Македонија, да влијае сериозно и позитивно на подигнување на квалитетот на здравствената заштита во нашата земја. Воедно, ќе оди во правец на поставување на Македонија како еден од регионалните лидери во здравството не само во поглед на инвестициите во инфраструктура, туку и во поглед на инвестициите во човечкиот капитал кон кои сме насочени, истакна министерот Тодоров, кој го потпиша Меморандумот.
Директорот на Медицинскиот центар Принстон, Бери Рубнер изрази задоволство од идната соработка.
– Навистина сме почестени што може да помогнеме во постигнување на вашите амбициозни цели кои ги слушнав. Имаме стогодишно искуство и само што ја отворивме и новата болница што беше еден повеќегодишен процес. Имаме добри идеи. Ние сме подготвени да ги споделиме нашите искуства со вас и да дадеме придонес во вашите амбициозни планови, истакна директорот Рубнер.
Владината делегација денеска во Чикаго ќе посети нови медицински центри на кои ќе се договара идната соработка.